Во рамките на културно-забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца беше промовирана монографијата „Златните години на КК Рибар“ од новинарот и публицист Милчо Јованоски. Оваа книга е посветена на времето кога името на клубот Рибар со гордост се изговараше на спортските настани, кога младите трпејчани со весла во рацете ги освојуваа езерските хоризонти и кога тимскиот дух, упорноста и љубовта кон водата беа најголемите трофеи. Преку живописни сведоштва, архивски фотографии, сеќавања на спортисти, тренери и поддржувачи, авторот Јованоски од различни агли го реконструирал времето кога Рибар беше повеќе од клуб – беше симбол на селото и на страста кон победи. Беше на врвот во Охрид, Македонија и во тогашна Југославија, дури со државни прваци, но и во меѓународни рамки – во Полска на пример.
– Секоја белешка, секоја изјава, секоја слика и во монографијава доаѓа со своја приказна, своја тежина, своја вредност. Беше тоа макотрпна потрага по вистината, по спомените, по оние парчиња мозаик што со текот на годините почнаа да се губат, но кои сега повторно добиваат глас и значење. Оваа книга не е класична хронологија на настани – таа е обид да се зачува духот на едно време, на неколку генерации. Одамна мислев на овој потфат и конечно решив дека е време приказните за КК Рибар да се оттргнат од заборавот – наведува Јованоски во предговорот на монографијата.
Промотор беше познатиот охридски новинар, публицист и одличен познавач на спортот Горан Момироски. Издавач на книгата е библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид.