Рецепт за идентитетски полнети пиперки. Суштината на специјалитетот е во глаголите. На врело европско масло ИСПРЖЕТЕ добро СОМЕЛЕНО македонско месо, во кое ќе ставите ИСТРЕБЕН од македонизам ориз, па додадете ИЗГМЕЧЕН македонски домат. Смесата ПОСОЛЕТЕ ја со бугарски врховизам, ЗАЧИНЕТЕ со грчки нацишовинизам и потоа, НАПОЛНЕТЕ ги пиперките ИСЧИСТЕНИ од семето на македонскиот идентитет. ПЕЧЕТЕ на умерена температура. Наздравете со чаша квалитетна нафта. Ако нешто чудно ви се случува во стомакот, трчајте во купатило, пикнете два прста во уста и… Уф, грешка! Наместо низ уста, специјалитетот излезе низ задникот. Битно, олесна. Сега може да се фатите за колумнава. Почекајте ме само да скокнам до гранапче и да акнам три пива за да можам поаналитички да пристапам.
Не е убаво човек да биде стрвен, иако животот ни е богата трпеза на која, додека јадеме, имаме можност да гледаме квалитетна филмска програма. Ако Бирмингем има „Пики Блајндерс“, ние тука во Струмица ќе снимаме „Коки Блајндерс“. Потоа веднаш, од опасно залижана крими-серија, влетуваме директно во телевизиска новела позната како сапуница во која познатата готвачка Марта Кос, моминско Удба, ни подметнува халуциногени мирудии и диетален идентитетски зарзават во чорбата. А кога ќе измешаш крими-сиже со лигава кулминација од ТВ-сапуница и уште на тоа ќе додадеш лош кастинг и глупи дијалози, веднаш добиваш политичка Евровизија продуцирана од Унијата. И, ете, повторно трчаш во купатило, два прста во уста и… Не заборавај да пуштиш вода, вика од другата соба стварноста.
Најсмешни ми се тукашните гурмани по кујната на Европската Унија, кои секогаш озарени трепкаат од возбуда поради оние што Брисел ни ги праќа за да ни сервираат бајати јадења, оти, нели, тие во менијата носат европски вредности што нашиве ги нарекуваат цивилизациски. Јас, пак, од искуство, дури и по шест пива испиени пред гранап, точно знам дека не може ЕУ, по Зоран Талер и Јелко Кацин, да ни испрати од Словенија величина налик на Франце Прешерн. Не е до Словенија и до Словенците, до кастингот на Унијата е. Не може човек со креативни способности на Франце Прешерн да заврши во евробирократија.
Да, ама сега дама ни доаѓа, шепотат озарените што трепкаат од возбуда, очекувајќи да се појави некоја инспиративна Јулија Примиц, за на крајот да добиеме женска верзија на Метју Нимиц. Ама да повторам, до кастингот е, не можеш да бараш инспиративна креативност во евробирократија.
Свесни ли сте што сè, последниве три децении, испратено од ЕУ, поминало низ Македонија? Од земјата на Стринберг и Бергман ни стигна лик што на журки сака да облекува мажи во пелени. Од татковината на Џемс Џојс ни долета оној што изиграваше диџеј и скокаше во езеро по буриња. И да ни си арчам редови од колумнава набројувајќи ги кастираните од ЕУ што ни носеа цивилизациски вредности, оти ќе треба да се занимавам со пробисвети, вагабонти и недуховити натрапници што ни вртеа часовници. Фала ѝ на Марта Кос за пиперките што ни ги наполни со будалаштини. Нека ѝ каже некој, за да не треска глупости, манастирите немаат никаква врска со македонски, словенечки, германски или француски идентитет, оти тие се Христови. И не е убаво да ни го полни идентитетот со персиска кујна, сеедно што нашите предци Македонци пред дваесет и три века, откако ја окупираа Персија, ни ја наполнија трпезата со нивни јадења. И не само нашата. Друг е проблемот поврзан со кујните, ама оние политичките.
Македонија и Европската Унија. Филм што очигледно ќе трае додека ЕУ не ни ја заврши приказната. Но за да не излезе дека плукам само по кастинг-директорите на Унијата, според тоа како стигнавме од држава Македонија до протекторат Нордистан, јасно е дека и ние сме политичка Шкљ-продукција. Ако се земеме предвид дека предбрачната заедница меѓу Македонија и Европската Унија започна со документ наречен Лисабонска декларација, тоа значи дека за да стапиме во брак мора да прифатиме нацистички правила, односно, ако сакаме да запловиме во брачните води, да се вдомиме кај Унијата, тогаш она што сме, мора да го ставиме во гасна комора, за веќе да не бидеме. Тука веднаш се појавуваат оние што озарени трепкаат од возбуда по европските вредности што тие ги нарекуваат цивилизациски и почнуваат да ми го врескаат на уво глупиот муабет, е па ај ако не, да се свртиме кон Русија, ама за среќа на другото уво Достоевски ми шепоти: батали ликови што по испиени три шишиња нафта пред отворените гранапчиња за општествена лоботомија сакаат да те убедат дека меѓународна заедница е само една третина од планетата, држи си се ти инаетливо до мене, Стринберг, Бергман и Џемс Џојс, оти ако телото ти живее во безумноста на стварноста, барем душата наполни си ја со вистински задоволства.
А восхитен сум од Европската Унија, да не се лажеме, дури и јас еве, озарен, трепкам од возбуда. Мојот восхит е поврзан со начинот на кој овој цивилизациски џин ги решава проблемите. Секако, на ваков етички горостас не му доликува да се занимава со решавање минорни проблеми. Иако ЕУ и таквите ги решава со лесно замавнување на нежната рака во свилена ракавица, која штом стисне тупаница станува фактор што удира по масата и проблемот панично бега од трпезата.
Па така, проблемот со напливот на мигранти, ЕУ го реши ставајќи ги своите граѓани во карантин затоа што надвор има корона-пандемија. Ковид-кризата ја реши вакцинирајќи ја Русија против агресија и не само што ја спаси Украина туку ги фрли Русите на колена принудувајќи ги да раштрафуваат миксери и вибратори за да имаат чипови за лопатите со кои војуваат. Да, војната што Русија ја почна во Украина, ЕУ ја реши така што ги спаси сите палестински цивили со една реченица, Израел има право да се брани со што донесоа мир во Газа поддржувајќи ги нападите врз Иран и неговата нуклеарна програма. Оние на кои ова им звучи апсурдно, нека дојдат со мене пред гранапче на по едно пиво во кое ќе си подметнеме психотропна геополитика. И така, откако лежерно и елегантно ги реши овие минорни проблеми што го скокоткаа светот, ЕУ сериозно се фати со опасноста што може да ја уништи планетата и со сите сили тргна во борба против злото наречено македонски идентитет, кој ломоти на озлогласениот македонски јазик. Со ова мое тврдење не се согласуваат овдешните сопственици на нордистански идентитет. Тие ни објаснија дека, не ЕУ, ами ВМРО-ДПМНЕ ги избриша македонскиот идентитет и јазик од европскиот извештај, но тоа се нордистанци што се прејадоа од рецептот што го ставив на почетокот од колумнава. Ним нема што да им кажам, освен, не заборавајте да пуштите вода!