Фото: КФМ

Тоа што можеме да го очекуваме е дека сите ќе го дадеме максимумот и дека ќе ја одиграме нашата најдобра игра, за која интензивно работевме во подготвителниот период. Целта ни е енергијата и мотивацијата од тренинзите да ги пренесеме во Литванија, рече Петровски, селектор на женската репрезентација на Македонија за кошаркарки до 18 години. Црвено-жолтите првиот меч го имаат денеска, со Романија (од 12 часот)

КОШАРКА – МЛАДИНСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ДИВИЗИЈА Б

Во изминатите четири недели кошаркарките работеа со максимална енергија на секој тренинг и на секој нов доаѓаа уште помотивирани, момент што многу ме радува. Во овие четири недели направивме едно семејство, што е клуч за секој успех. Целта ни е енергијата и мотивацијата од тренинзите да ги пренесеме во Литванија, рече Виктор Петровски, селектор на женската репрезентација на Македонија за кошаркарки до 18 години, пред настапот на Европското првенство (ЕП), дивизијата Б, во Литванија, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонија првиот меч го има денеска, со Романија (од 12 часот).
– Имајќи предвид дека сме една од најмладите репрезентации, тоа дава дополнителен фактор за поголема желба и мотивација. Групата е тешка. Ги имаме Германија, која е фаворит за злато, Романија, која во претходната година беше шампион до 16 години со овие кошаркарки, и Шведска, која секоја година е во горниот дел од табелата. Но, знам дека нашите девојки се многу мотивирани и ќе одиме со 120 отсто од нашите можности на секој натпревар. Тоа што можеме да го очекуваме е дека сите ќе го дадеме максимумот и дека ќе ја одиграме нашата најдобра игра, за која интензивно работевме во подготвителниот период. Имаме многу талентирани кошаркарки, кои за некоја година ќе бидат и во А-тимот – вели Петровски.
Од четирите групи, првопласираните две селекции ќе се пласираат во втората рунда, преку која ќе се бараат идните учесници на ЕП од дивизијата А. Репрезентациите што во групната фаза ќе бидат на третото и на четвртото место ќе играат за пласман од 9-то до 16-то место, а оние што ќе бидат петтото и на шестото место ќе разигруваат за позициите од 17 до 21. Г.И.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

А: Р Ирска, Германија, Македонија, Романија, Шведска
Б: Словачка, Луксембург, Естонија, Австрија, Холандија
Ц: БиХ, Литванија, Косово, Украина, Исланд, Азербејџан
Д: Бугарија, Хрватска, Норвешка, Данска, В. Британија


РАСПОРЕД

Романија – Македонија 12 ч.
Македонија – Германија утре, 17 ч.
Шведска – Македонија сабота, 19.30 ч.
Македонија – Р Ирска вторник, 12 ч.