Виктор Орбан е извор на лажни вести, изјавија денеска претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и белгискиот премиер Шарл Мишел.
Шефовите на држави на ЕУ на денешниот самит усвоија заклучок во кој се подвлекува важноста на борбата против дезинформации и лажни вести.
– Некои премиери кои се овде на масата на Европскиот совет се извор на лажни вести, рече Јункер.
Тој го дообјасни своето тврдење:
– Кога господин Орбан, на пример, вели дека јас сум причина на Брегзит, тоа е лажна вест. Кога вели дека мигрантите се одговорни за Брегзит е исто така лажна вест, додаде Јункер.
Белгискиот премиер ја поврза темата со миграцијата со лажните вести. Познато е дека Договорот на Обединетите нации за миграција ги подели земјите членки на ЕУ. Некои од нив, како Унгарија, Полска, Бугарија или Австрија, одбија да го потпишат иако учествуваа во неговата подготовка на ОН. Под овој притисок и белгиската влада стана малцинска, бидејќи фламанскиот националистички партнер партијата НВА одби да биде дел од влада што става потпис на овој договор.
За Мишел, одбивањето на овој корисен договор, е последица на лажни вести и манипулација.
– Во рамките на овој договор имаше оркестрирани кампањи на манипулација чијашто цел е дестабилизација на европските демократии, наведе Мишел и додаде дека повеќе европски земји се соочени со иницијативи што ја уништуваат демократската дебата и ја прават покомплицирана можноста за секој од нас да биде коректно информиран за општестевените теми.
Мишел смета дека ЕК треба да отвори истрага за можни операции за дезинформирање и да ги санкционира сторителите.
На истиот состанок, односот кон мигрантите исто така го натера белгискиот премиер да го заостри тонот кон Унгарија, Чешка, Словачка и Полска, четирите земји кои не го почитуваат договорот од Даблин според кој, секоја земја членка на ЕУ, треба да прими одреден број мигранти распределени според големината на земјата. И им се закани со исклучување од шенген зоната доколку продолжат со негативниот однос кон феноменот на миграцијата.
– Имав прилика јасно да кажам дека некои избираат да спречат било каква реформа на регулативата од Даблин и тоа, се разбира, отвора дебата на територијата на шенген зоната. За оние што не разбираат: кога со инаети постојано и систематски, одбиваат да покажат минимум солидарност, се поставува прашањето за нивното останување во Шенген зоната, истакна рече Мишел.
Земјите за кои зборуваше Мишел се исто така корисници на европските фондови.
– Вие не можете да ја сметате ЕУ за машина за пари која го фаворизира вашиот развој, а од друга страна, да не покажете солидарност со миграцијата, инсистираше Мишел.
На ова унгарскиот премиер изјави дека Унгарија денеска „била нападната од повеќе земји членки за миграцијата“.
– Тие тргнаа со уште еден напад за да се осигураат дека нивната цел, доаѓањето на мигрантите во ЕУ, ќе биде одобрена. Ние го одбивме тој напад, рече Орбан.