Фото: „Нова Македонија“

Повод: Поддршка на земјоделското стопанство преку купување домашни земјоделски производи

Поддршката на домашното производство, било да станува збор за брендови во продавница, на кои пишува произведено во Македонија, или пак едноставно со купување основни земјоделски продукти од домашни производители, станува тренд и во светот. Соговорниците ни тврдат дека тоа е со длабока економска, но и патриотска причина!

Сѐ повеќе земји и граѓани практикуваат купување од локални бизнисмени и низ Европа во голема мера функционираат малите тезги покрај земјоделските парцели каде што се изложени производите на производителите. Тука дури нема ни продавач, туку само продукти, јагоди, јаболка, цвеќиња, сѐ што никнува од нива, а купувачите сами оставаат пари за купените производи.
На овој начин низ цела Европа граѓаните ги поддржуваат своите производители, кои секако сами ги диктираат цените, оставајќи натпис по која цена се продава нивниот производ. Оваа практика на големо се применува во Германија, но и во други европски земји и нема проблем со кражби, ниту со недостиг од производи, бидејќи локалното население го цени трудот на земјоделецот. Ова е само дел од разговорот со наш соговорник, експерт од областа на земјоделството, кој поздравувајќи и охрабрувајќи го препознатиот облик на т.н. патриотска економија (поточно патриотско земјоделство во еден поширок, национален концепт, како што вели соговорникот – една форма на стопанство што во одреден момент на околности, слични на овој моментум, би можела да даде извонредни резултати за националното стопанство, доколку дисциплинирано се практикува).

Кампања за купување домашни земјоделски производи

Од неодамна и нашата Влада најави дека ќе прави кампања за купување домашни земјоделски производи, со која, како што вели, ќе се поттикне растот на домашната економија.
– Кампањата „Купувај домашни земјоделски производи“ за промоција на домашното земјоделско производство е во завршна фаза. Сите детали за оваа кампања, која е со огромна важност за македонските граѓани, земјоделци и преработувачи на храна, како и повеќе детали, ќе бидат споделени со јавноста од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на Министерството и на Владата со кампањата е да се поттикне растот на домашната економија, со што директно ќе се влијае врз зголемувањето на потрошувачката на земјоделските производи што ги произведуваат македонските земјоделци – нагласуваат од Владата.

Според најавите, секој производ што е произведен во Македонија ќе биде обележан и лесно препознатлив, со што ќе им се овозможи на граѓаните полесно да ги препознаваат домашните продукти и со тоа да се зголеми побарувачката на македонските производи на пазарот, што треба да придонесе за зголемување на земјоделското производство во Македонија.

Со кампањата се предвидува секој производ да биде обележан дали е произведен во Македонија или е увезен од друга земја.

Дисциплина за поддршка на националното стопанство

Инволвираните во земјоделската дејност велат дека оваа намера звучи многу позитивно, но како да се загрижени за самата реализација, од некои добропознати причини… Најпрвин, соговорниците ги издвојуваат самите граѓани за кои велат дека доволно не ја разбираат суштината и идејата на „патриотското стопанство и земјоделство“. Второ, дисциплината на колективот (или колективитетите и индивидуата) никогаш во Македонија не ни бил „силна страна“, туку напротив…
Трето, соговорниците го истакнуваат и фактот дека „на пазарот недостигаат одредени домашни продукти и токму затоа се увезува“…
– Поддршка за домашните земјоделци со купување наши производи може многу да значи, но прашањето е дали имаме доволно производители и доволно произведени количества за да ги задоволиме нашите потреби. Сепак, значајно е да се поддржи домашното наместо увозното производство, бидејќи има многу земјоделци што се откажаа од производство поради слабиот откуп или поради ниските цени – вели земјоделец од населените места во околината на Скопје.

Економистите укажуваат дека храната е сегмент на кој мора да му се посвети поголемо внимание, како од креаторите на политиките така и од самото население, кое мора да стане поодговорно за трошењето, но и за поефикасно користење на храната.

Домашно производство – пониски цени, но потребен е холистички пристап (домашна енергија, системи за наводнување, ѓубрива, семе…)

Економскиот аналитичар Здравко Савески укажува дека поради климатските и геополитичките промени, во иднина ќе продолжи трендот на пораст на цените на храната. Тој истакнува дека влегуваме во нова реалност, каде што намаленото производство (поради климатската криза) и затворањето на пазарите (поради блоковската поделеност) ќе носат не само растечки цени туку и недостиг од прехранбени производи.
– Иако Македонија не е на првата линија на удар, нејзината економија е интегрирана во светската и не е можно светските трендови да не се одразат и врз нас. Тоа налага дека мора да се промени нашето однесување и како потрошувачи и како граѓани. Како потрошувачи, потребно е да се намали импулсивно купување, да не се фрлаат пари на она што реално не ни е потребно, повеќе да се купува непреработена храна, како и поголема внимателност да не се фрла храна – укажува Савески.

Планска економија и, секако, планско земјоделство!

Инволвираните во економијата поточно бизнисмените сметаат дека не само што нема штета од поддршката на домашното производство туку и не е на одмет и малку повеќе – планска економија.
– Во Македонија сите знаат каква е состојбата во економијата, но веќе организирано треба да се преземат мерки за тоа како да се постигне поголем раст на индустриското производство, а со тоа и повисоки стапки на економски раст. Сите досегашни влади ја пропуштија можноста што ни се даде со осамостојувањето на државата за да изградат развоен концепт што ќе се рефлектира со високи стапки на раст. Сега се чувствува некое поместување, но треба уште похрабро и порешително. Основен проблем е што е запоставен развојот на енергетскиот сектор, кој е клучен за секоја економија, односно стопанство. Понудените економски програми не се само за еден политички мандат, треба да се размислува долгорочно. Тоа што ни е потребно е воспоставување планска економија. Мораме да го користиме искуството на развиените земји кога станува збор за потикнување на домашното стопанство (и земјоделство и реална економија и индустрија). На Македонија ѝ треба „труст на мозоци за развој“, кој ќе ги дефинира сите развојни стратегии, а кон кои ќе треба да се насочат активностите на сите сегашни агенции. Оваа, ако сакате наречете ја и институција, треба да ја водат стручни лица, а не тоа да им биде доделувано по некакви партиски клучеви при распределбата на извршната власт – вели Ѓоко Савов, поранешен стопанственик и долгогодишен раководител на голема македонска компанија од областа на металопреработувачката индустрија.

Тој наедно укажува дека значаен фактор за забрзан економски развој на земјата може да биде унапредување на домашното земјоделско производство.
– За македонскиот земјоделец најтежок проблем не е како да се произведе одредена култура, туку како да се најде сигурен пласман за неа. Потребно е да се воспостави некоја агенција што пазарно ќе ги регулира односите меѓу непосредните земјоделски производители, преработувачите, трговците и извозниците. Во тој случај сите учесници еднакво ќе го носат ризикот или добивката од цената што би се формирала на светските пазари. Обврска на агенцијата би била да ја утврдува и гарантираната цена за земјоделските производи и секако и да ја исплати по секоја реколта. Работата на министерството ќе биде да контактира со сите компании, од мали, средни и големи, кои произведуваат производи за извоз со високододадена вредност, за да може да ѝ се помогне во остварувањето на деловните развојни политики на секоја од фирмите – објаснува Савов. Е.Р.