Душко Петрушевски, тим-лидер на репрезентацијата во скајранинг
Македонската национална репрезентација во скајранинг ќе учествува на Европското првенство 2025 во Италија
Македонската национална репрезентација во скајранинг ќе учествува на Европското првенство 2025, кое ќе се одржи од 3 до 6 јули во Априка, Италија – едно од најзначајните натпреварувања во планинското трчање на европско и светско ниво, и тоа во земјата во која се роди скајранингот во 90-тите години.
Првенството, кое е во организација на Меѓународната скајранинг-федерација (ИСФ), ќе го собере елитниот врв на европските скајранинг-атлети од повеќе од 25 држави. Натпреварот ќе се одвива во три дисциплини: вертикал (Vertical Kilometer), скај класик (Sky Race) и ултраскајранинг.
Македонија ќе настапи со национална селекција составена од шест натпреварувачи, избрани преку јасно дефиниран систем на селекција спроведен од Комисијата за скајранинг при Федерацијата за планинарство на Македонија.
Ова е четврти настап на македонска сениорска селекција на европски шампионат во скајранинг, што претставува значителен чекор напред за развојот и афирмацијата на овој адреналински и сѐ попопуларен спорт кај нас.
Националниот тим годинава е составен од Елена Каранфилоска од Пк. Македон, Вера Урдаревска од Пк. Македон, Ивана Најдовски од Ај лав хајкинг Македонија, Александар Стојкоски од Пк. Македон, Дејан Ангелоски од Пк. Македон и Златко Карчески Единак од Пск .Стратус.
Тим-лидер на репрезентацијата е Душко Петрушевски, со кого подетално разговараме за значењето на македонското присуство на Европското првенство.
Каква е конкуренцијата годинава на Европското првенство во скајранинг? Кои земји се најсилни?
– Годинава, од она што го гледаме како официјални информации, има пријавено 25 држави од Европа и над 300 натпреварувачи. И гледајќи ги составите на тимовите, можеме да видиме дека не се калкулира премногу, туку некои од составите имаат сериозни и елитни тркачи од Европа.
Секако, тимовите на Италија и Шпанија предводат во овој спорт и годинава имаат силни и бројни состави. Секогаш очекуваме тука да биде главната битка за шампионот. Но не смееме да ги отпишеме ниту Скандинавците, особено шведскиот тим, кој лани индивидуално даде светски вице, со кого имаме одлична релација.
Нивниот најдобар скајранер лани беше дел од нашиот Титов Врв скајрејс. Потоа, тука е и Швајцарија, која годинава во составот има еден од топ 10 атлети во светот – Де Лоренци, како и Русија, која годинава исто така пријави сериозен тим, предводен од Анастасија Рубтсова, минатогодишна шампионка на светската скајранинг-серија. Тука се и нашите соседи и пријатели, селекциите од Србија, Хрватска, Бугарија итн.
Како ги проценувате шансите на македонските натпреварувачи во однос на европските елитни скајранери?
– И ние имаме елитни натпреварувачи. Елена го покажа тоа на минатото Светско првенство, на завршната трка од елитната лига, кога завршуваше и меѓу десетте најсилни.
Тука е Александар, кој е во одлична форма и се враќа во националниот тим по неколку години. Дејан, кој е неколкукратен шампион, исто така по пауза од повеќе од една година е во тимот. Ивана Најдовска, која првпат е дел од репрезентацијата, покажува одлична форма изминатава година, потврдена на селективните трки. Вера и Златко беа одлични на оние квалификациски трки за влез во националниот тим, со времиња подобри од претходните години. Јас лично очекувам да имаме одлични резултати, како индивидуални така и тимски.
Дали сме сведоци на подобрен перформанс кај домашните скајранери во споредба со претходните години?
– Да, како што кажав, бројките и времињата на трките го покажуваат тоа, особено кај девојките, предводени од Елена, се забележува тој напредок.
Секако, има простор за подобрување и знам дека секој може и подобро од тоа моментално, па затоа очекувам да го потврдат тоа токму на Европското првенство.
Колку е важно за Македонија да има претставници на вакво реномирано натпреварување? И колку кај нас јавноста, но и надлежните државни институции се запознаени со македонскиот прогрес во скајранинг?
– Секогаш тешко прашање. Учеството на македонска репрезентација на еден од најпрестижните планински натпревари во Европа е од огромно значење за спортот и за државата. Тоа претставува афирмација на талентот, посветеноста и напредокот на македонските скајранинг-атлети, кои и покрај ограничените услови, успеваат да се квалификуваат рамо до рамо со најдобрите европски спортисти.
Ние преку Планинарската федерација и Министерството за спорт, со кое имавме состанок и го презентиравме овој спорт, сметаме дека може во иднина да имаме и посериозна поддршка.
Скајранингот и треил-трките како спорт земаат сѐ поголем замав, а резултат на сето тоа е и активното залагање за овој спорт да биде дел од олимписките спортови, на кој, според мене и многумина, таму му е и местото.
Светските федерации активно работат на оваа проблематика и сметам дека за многу скоро време и ќе се случи тоа.
Наедно, ова учество на големите натпреварувања е можност за промоција на Македонија како земја со огромен потенцијал за планински спортови, активен туризам и природа од светска класа. Благодарение на нашите контакти и добар однос со светската федерација, јас имав можност минатата година во Шпанија, во разговор со претседателот и секретарот на ИСФ, да им претставам каков е потенцијалот за вакви натпревари кај нас. И бев добро изненаден што знаат какви планини имаме кај нас и дека ова е реално да се случува во Македонија.
Но, секогаш нели има „но“, скајранингот и општо спортовите на високи планини кај нас, за жал, сè уште не уживаат доволна поддршка и внимание – и од јавноста и од релевантните државни институции.
Потребни се поголема информираност, системска поддршка и вложување во младински развој и меѓународно претставување.
Со континуиран раст на квалитетот, организација на домашни трки и со настапи на меѓународни сцени, Македонија може да чекори кон мапата на скајранинг-нации – и токму ваквите првенства се клучен дел од тој пат.
Нам не ни треба да ни овозможат или купат терен, планините се нашиот терен, но сето ова е можно само со активна поддршка од државата, институциите и приватниот сектор. Затоа што, на крајот, овој спорт значи само плус за туристичките планински места, сместувачки капацитети, локални, и секако туристичка понуда, особено во летниот период, кога, за жал, планинските капацитети се празни и слободно кажано запустени. Еве, и последниот пример со Шапка и Титов Врв скајрејс покажа дека само во еден викенд може над 200-300 луѓе да се „свртат“ на Попова Шапка во овој летен период и секој да има бенефиции од сето тоа.
Каква поддршка и афирмација се потребни за скајранингот да се издигне на повисоко и повидливо ниво? Каква е вашата стратегија за промовирање на скајранингот во Македонија?
За скајранингот да се издигне на повисоко и повидливо ниво во Македонија е потребна системска институционална поддршка, слична на онаа што ја добиваат други олимписки и неолимписки спортови. Тоа вклучува:
1. Финансиска поддршка за настап на меѓународни натпревари и организација на домашни трки;
2. Медиумска промоција и вклучување на скајранингот во националните спортски програми;
3. Инфраструктурна поддршка преку уредување планинарски патеки и безбедносни системи на технички терени;
4. Поддршка на младински категории, клубови и индивидуални спортисти преку систем на таленти и тренинг-кампови;
5. Вклучување на скајранингот во туризмот, како дел од стратегиите за активен и авантуристички туризам во планинските региони.
Нашата стратегија како Комисија за скајранинг при Федерацијата за планинарство на Македонија е насочена кон:
– Организација на национални натпревари што се по ИСФ-стандарди (како Титов Врв скајрејс).
– Од годинава започна и првата национална лига, која вклучува пет трки со систем на бодување во согласност со светската скајранинг-серија и со која сметаме дека ќе се издигне нивото на интерес и, секако, трките ќе бидат многу поинтересни за натпреварувачите.
– Селекција и подготовка на национален тим што ќе нѐ претставува на европски и светски натпревари.
– Развој на млади таленти преку вклучување нови клубови и спортисти.
– Промоција на спортот преку медиуми и социјални мрежи, инспиративни приказни и јавни настапи.
– Меѓународна соработка со други федерации и ИСФ, како и домаќинство на меѓународни натпревари во иднина.
– Поголема промоција како од нашата матична планинарска федерација така и од многуте планинарски клубови што ја сочинуваат федерацијата.