Македонскиот банкарски сектор најголема ефикасност покажува во 2007 година, а најниска во 2011 година, покажува анализата направена во рамки на трудот „Оценување на ефикасноста на банките во Република Македонија: Непараметарски пристап“ од д-р Катерина Фотова-Чиковиќ и д-р Виолета Цветкоска, што вчера беа презентирани во рамки на 31. сесија на Клубот на истражувачи на НБРМ.
Според согледувањата на двете авторки, коишто се темелат на спроведената анализа од 2007 до 2017 година, во периодот од 2008 до 2011 година, намалувањето на ефикасноста се поврзува со глобалната финансиска криза, а потоа ефикасноста забележува пораст.
Највисока ефикасност, како што посочуваат, во банкарскиот сектор во Македонија имаат големите банки.
Резултатите од истражувањето даваат информации за регулаторите, креаторите на политиките и менаџментот на деловните банки, за натамошно подобрување на еден од важните индикатори за успех на финансиските институции, односно нивната ефикасност.
Во рамки на сесијата, како што соопштуваат од НБРМ, беше презентиран и истражувачкиот труд „Дезинфлаторните прелевања од земјите во eврозоната кон земјите од Југоисточна Европа“ од м-р Гани Рамадани од НБРМ и Предраг Пандилоски од „Вотсон скул“ при Универзитетот на Пенсилванија.
Целта на истражувачкиот труд на Рамадани и Пандилоски, којшто во името на двајцата автори го презентираше Гани Рамадани е да се анализираат детерминантите на движењето на инфлацијата во Југоисточна Европа (ЈИЕ).
Како што беше посочено и на сесијата, симултаниот тренд на дезинфлација низ целиот регион од 2012 до средината на 2016 година го наметнува прашањето дали и до кој степен ниската инфлација во еврозоната и другите заеднички фактори влијаеле врз дезинфлацијата во ЈИЕ. Користејќи тримесечни панел податоци за десет земји од ЈИЕ, за периодот меѓу 2004 и 2017 година, во трудот, двајцата автори моделираат хибридна нео-кејнзијанска Филипсова крива базирана на мала и отворена економија. Според презентираната анализа, клучни се ефектите од светските цени на храната и енергијата, како и ефектите од ценовните притисоци на еврозоната, врз дезинфлациските движења во земјите од ЈИЕ.
Поздравно обраќање на 31. сесија имаше на гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска.
Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во март 2019 година.