Да се ослободиме од партиските стеги, да размислуваме визионерски – за нацијата и државата

Добро би било конечно да се ослободиме од теснопартиските, па и лукративни стеги и сите да размислуваме позитивно за општата благосостојба и напредок, да ги согледаме добрите страни на проектот и воопшто целата оваа дискусија во јавноста иницирана од министерката. И да, да се обидеме отсега па натаму да мислиме и да работиме во поширок интерес, во насока на сеопшт просперитет и благосостојба. Тоа е излезот од ќор-сокакот во кој влеговме со споделена вина, и наша и на некој посилен над нас

Изјавите на политичарите станаа наше секојдневие, така што сакале-не сакале буквално од минута во минута следиме сѐ што се случува во земјава и во странство преку дијалогот власт-опозиција. Се разбира, најголемиот број од тие изјави се за дневнополитичка употреба или за пополнување некои дупки во распоредот, во кој како врвна задача е наведена заповедта „Нападни го противникот твој“. И нормално, народот полека се навикнуваше на ваквата секојдневна вербална пресметка, но, благодарение на таквиот интензитет, успеа да изгради механизам со кој успешно го издвојува она што вреди да се слушне од она што едноставно служи за да се пополни времето и да се заработи платата.

Во една таква ситуација, за издвојување е една изјава од деновиве, со посебно силен одек за мене, а тоа е експликацијата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по повод еден стратегиски предизвик што децениски го мачи нашето национално стопанство, економијата, економскиот раст, индустријализацијата, реалната економија, вклучувајќи го и социјално-економскиот статус на нашите граѓани. Тоа е – ЕНЕРГЕТИКАТА!

Конечно да слушнеме нешто конкретно. И ова не е само мој заклучок. Луѓето со кои ги споделувам размислувањата за нашето секојдневно битисување, а меѓу кои има и двајца врвни економисти, како и луѓе добро упатени во движењата во стопанството, ги кажуваат речиси истите зборови. Сите тие укажуваат дека енергетиката е движечка сила на целата наша надеж за подобро економско утре, за економски двоцифрен (дај боже) раст, за раст на БДП, и тоа со помош на домашни енергетски ресурси, кои, здравје, би сочинувале и над 70 отсто, па и повеќе од енергетскиот биланс на земјава.

Затоа што само со обезбедување таков, енергетски, суверенитет, во годините што следуваат, ќе ги обезбедиме и сите други облици на национален суверенитет: и економски и политички и безбедносен и територијален, ако сакате, ама најважно од сѐ е дека токму со иницијативите и залагањата што ни ги покажа министерката, би се обезбедил еден интегрален, холистички пристап кон самостојност и голем степен на независност, кој би ни гарантирал висока отпорност кон надворешни (а и внатрешни) потреси (кризи, притисоци, уцени, ултиматуми), со кои опскурни центри на моќ би сакале да ни го свиткаат ‘рбетот.

Да издвојам уште еднаш, исклучително визионерски настап на министерката Божиновска како прв човек на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и во името на Владата, каде што таа во свое експозе и одговори на прашања пред јавноста ги најави и образложи размислувањата, иницијативите, ставовите, конкретните чекори и проектите од областа на енергетиката во насока на енергетска независност на нашата земја.

Оттаму доаѓаат сите овие зборови на респект кон министерката (и Владата) дека „енергетиката е национален приоритет, дека целта на Министерството е да се инвестира во сопствена чиста, стабилна и паметна енергија, да се модернизира системот и да се врати енергетската моќ во рацете на државата и домашните инвеститори“!

И тука уште еднаш би укажал дека досега искажаното е резултат на обилната консултација и дискусија на исклучително сериозна екипа експерти, енергетичари, професори. И да додадам уште нешто – воопшто не станува збор за политички хомогена екипа. Направивме и наша мини-анкета за ставот на јавноста по ова прашање и становиштето искажано од министерката. Сите наши соговорници истакнаа дека „македонската јавност одамна нема чуено ваков визионерски и холистички пристап кон прашањето на енергетиката како национален приоритет“.

Па сега, кој како сака нека ги толкува нашите зборови. На луѓе што многу добро ги разбраа зборовите на министерката, тоа им беше доволно да ѝ дадат доверба.
Особено затоа што министерката Божиновска, покрај другите проекти (нов закон за енергетика, десетгодишен план за развој на преносната мрежа, наплатени 247 милиони денари од концесии – двојно повеќе од лани, договори за нови соларни централи, втора фаза на ветерниот парк Богданци, почеток на изградба на интерконекторот со Грција итн.), таа посебно се осврна на грандиозниот проект „Вардарска Долина“.

Имено, се потсетивме дека „Вардарска Долина“ како идеја е возобновена во 2016 година, кога кинеските експерти со делегацијата на кинеската компанија „Бон проџект“ и со претставниците на институтот „Чајна дизајн груп“ започнаа да анализираат и потврдија дека е исплатливо да се направи пловен канал Белград–Скопје–Солун, се разбира преку Вардарска Долина. Тие пресметаа дека изградбата на овој мегапроект на векот би чинела околу 17 милијарди долари. Предвидено е каналот да се протега со должина од 1.000 километри, а за негова реализација ќе бидат потребни повеќе од десет години. Истата година македонската влада потпиша меморандум за разбирање за проектот „Вардарска Долина“ со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија (КВЕ), која во земјава е позната, бидејќи таа ја градеше ХЕЦ „Козјак“, која во 2004 година беше пуштена во употреба. Дел од договорот е и Кинеската банка за развој (КРБ), а тие заедно се обврзаа за 12-18 месеци да подготват студија за оправданост, на што нѐ потсети деновиве во својата извонредно стручна колумна дипл. ел. инж. Оливера Анчева, при што додаде дека тогашниот вршител на должноста кинески амбасадор во Македонија, Цуи Жимин визионерски ни посочи дека реализацијата на проектот „Вардарска Долина“ ќе донесе и нови директни и индиректни вработувања. Од тогаш (2016 г.) освен искажаниот формален интерес од наша страна, за овој проект досега немаше никакви активности.

Но сега, оваа македонска влада има позитивен приод кон идејата за реализација на овој проект! Наместо како порано да се држиме цврсто до ставот дека е договорена брзата пруга и тоа да биде догма, сега слушаме од владини извори дека ќе се сугерира на експертите да ја разгледаат можноста да се крене трасата на новата пруга повисоко за да не ѝ пречи на идната реализација на Вардарска Долина.

Добро би било конечно да се ослободиме од теснопартиските, па и лукративни стеги и сите да размислуваме позитивно за општата благосостојба и напредок, да ги согледаме добрите страни на проектот и воопшто целата оваа дискусија во јавноста иницирана од министерката. И да, да се обидеме отсега па натаму да мислиме и да работиме во поширок интерес, во насока на сеопшт просперитет и благосостојба. Тоа е излезот од ќор-сокакот во кој влеговме со споделена вина, и наша и на некој посилен над нас.