Деескалацијата на оружениот конфликт на Блискиот Исток донесе на светската сцена нов глобален миротворец
Телевизијата Фокс њуз објави дека американски конгресмен го номинира претседателот Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир откако тој посредуваше во договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Иран. Имено, пратеникот (конгресменот) Бади Картер од американската сојузна држава Џорџија му пиша на Нобеловиот комитет дека Трамп одиграл „извонредна и историска улога“ во завршувањето на „оружениот конфликт меѓу Израел и Иран и спречувањето на најголемиот државен спонзор на тероризмот во светот да го добие најсмртоносното оружје на планетата“
Сè поочигледно станува дека во регионот на Блискиот Исток воената ескалација ја мина точката на кулминација и ќе продолжи во деескалирачка фаза. Според низа индикатори, аналитичарите констатираат дека „превојот е минат и регионот на Блискиот Исток ќе тргне по нов пат на мир и соработка за првпат во својата долга историја“.
Индикатори на добра волја, за примирје и кон постигнување подолготраен мир
Откако иранскиот воен одговор на жестоките бомбардирања на САД беше навистина симболичен, при што воениот противудар на Техеран на бази на САД во околните Катар и Ирак, дури претходно Иран им го најави, беше јасно дека завршницата на ескалацијата на судирот во регионот се ближи кон почетокот на својот крај.
Во врска со истиот иранско-израелски конфликт, и од другата завојувана страна, имено во Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека токму сега „Израел е многу блиску до остварување на сите свои воени цели во конфликтот меѓу Израел и Иран.
Во горенаведените индикатори за деескалација и примирје, аналитичарите ги додаваат и активностите на Техеран, во пресрет на американските бомбардирања и ракетирања на иранските нуклеарни постројки во Натанц, Исфахан и Фордо, кога однапред иранските тимови (како по договор со агресорите) го дислоцираа и транспортираа целиот збогатен ураниум на непозната локација.
Како некаков „шлаг на подготовките на мировната торта“ дојде и изјавата на рускиот претседател, дадена за време на посетата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во Москва, кога осудувајќи ги американските и израелските напади, силно повика на прекин на ескалацијата на судирот и инсистираше на потребата од решавање на сите отворени прашања поврзани со Иран преку преговори или дипломатија.
Овој став на Кремљ е целосно идентичен со оној на Кина.
Во продолжение на ова сценарио на почеток на деескалација на Блискиот Исток, Иран преку своите највисоки лидери и преку својата државна телевизија објави дека „Иран нема да презема понатамошни високоризични ескалирачки потези, особено за себе, и покрај тешките и понижувачки удари што ги доби за време на оваа краткотрајна војна“.
Затворањето на Ормускиот Теснец, кој беше изгласан како нареден потег во иранскиот парламент, не беше одобрено од највисокото државно тело во Иран или, поточно речено, таквата одлука не беше ставена воопшто досега на дневен ред. Голема е веројатноста дека таква одлука и нема да се донесе, ако се има предвид дека тоа ќе ја закомпликува состојбата и ќе предизвика не само голема штета за регионот туку и за целиот свет, а особено тоа би било „пукање во нога за самиот Иран“, со оглед на тоа што Иран извезува околу 90 проценти од својата нафта во Кина.
Патем споменато, Иран е еден од најголемите доставувачи на нафта во Кина по Русија, која е на првото место. Пекинг има и потпишан стратегиски договор со Иран во период од 25 години, вреден 400 милијарди долари, за кинески инвестиции во Иран. Кина сигурно не сака да го изгуби тоа, а речиси сигурно не сака ниту Иран. Истото тоа го прави и Русија, која потпиша стратешки договор со Иран на 17 јануари годинава, по многу години макотрпни преговори.
И Москва не сака ескалирање на воениот судир во кој би бил инволвиран Иран. За издвојување е фактот што само еден ден пред нападот на САД врз Иран, рускиот претседател на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург (СПИЕФ) изјави дека „Русија веќе му понудила на Иран помош во изградбата на интегриран систем за воздушна одбрана, со оглед на тоа што постојниот ирански е слабата алка во неговите вооружени сили, заедно со неговите застарени воздухопловни сили“.
Специфичното „модераторство“ на претседателот на САД
Како што објави Ен-би-си њуз во вторникот, 24 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп му се јавил на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, барајќи да се запрат сите воени дејства. Според американски телевизиски извор, Трамп рекол: Крај на војната, крај на борбите. Иранците се значително ослабени.
Интересно е што истиот извор, имено Ен-би-си њуз, објави дека непосредно пред телефонскиот разговор меѓу Трамп и Нетанјаху, американскиот претседател му се јавил на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, барајќи од него да преговара со Техеран за да се постигне примирје.
Во информацијата се истакнува дека „американскиот претседател (наводно) успеал да ги убеди обете страни во потребата од брзо примирје“.
Паралелно со ваквите активности, „тим за национална безбедност на Белата куќа испрати пораки преку посредници до Иран, барајќи и тој да се воздржи од напади врз Израел и да се согласи на прекин на огнот“. И така и беше, Техеран даде јавна согласност за примирје, по иницијативата на Вашингтон.
Трамп би можел да стане најголем миротворец
Телевизијата Фокс њуз објави дека американски конгресмен го номинира претседателот Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир откако тој посредуваше во договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Иран. Имено, пратеникот (конгресменот) Бади Картер од американската сојузна држава Џорџија му пиша на Нобеловиот комитет дека Трамп одиграл „извонредна и историска улога“ во завршувањето на „оружениот конфликт меѓу Израел и Иран и спречувањето на најголемиот државен спонзор на тероризмот во светот да го добие најсмртоносното оружје на планетата“.
– Влијанието на претседателот Трамп беше клучно за постигнување брз договор, за кој многумина веруваа дека е невозможен. Трамп исто така презеде смели и решителни чекори за да ги запре нуклеарните амбиции на Иран и да осигури дека најголемиот спонзор на тероризам во светот не може да добие нуклеарно оружје – напиша Картер во своето предлог-писмо.
Во предлогот на Картер пишува дека „лидерството на Трамп за време на кризата ги отелотворува токму идеалите што Нобеловата награда за мир се стреми да ги признае: стремежот кон мир, спречувањето на војната и промовирањето на меѓународната хармонија во регион обележан со историски непријателства и политичка нестабилност, таквиот пробив бара и храброст и јасност“.
Во исто време, пак, поточно пред три дена, и официјален Пакистан објави на социјалната мрежа X дека „американскиот претседател Доналд Трамп треба да ја добие Нобеловата награда за мир во 2026 година како признание за неговата решителна дипломатска интервенција и клучна лидерска улога за време на неодамнешната криза меѓу Индија и Пакистан“.
Иако Трамп беше изложен на сè поостри критики во американската политичка средина поради фактот што огромното мнозинство граѓани на САД беа против влегувањето на САД во војната со Иран, медиумите го распнуваа и на Републиканската партија ѝ се закануваше вистински потоп на конгресните избори следната есен – сето тоа сега може целосно да се промени, оценуваат аналитичарите сега.
Трамп би можел многу лесно, а веројатно и ќе биде промовиран во американски национален херој – еден вид ѕвезда во круната на американските претседатели воопшто – ако навистина се постигне траен мир на Блискиот Исток.
Трамп ќе биде оној што (барем во предвидливо, верувам на среден рок) дефинитивно ќе го отстрани исклучително мачното иранско прашање од агендата на американската надворешна и безбедносна политика, и тоа на толку брилијантен начин – со ефикасен, моќен „блицкриг“ – без ниту една американска жртва, со клучни американски воени средства на Блискиот Исток недопрени!
„Израел и Иран дојдоа кај мене речиси истовремено и ми рекоа: МИР! Знаев дека времето е СЕГА. Мирот и Блискиот Исток се вистинските ПОБЕДНИЦИ! Двете нации ќе видат голема ЉУБОВ, МИР и ПРОСПЕРИТЕТ во својата иднина“, гласи пораката на американскиот претседател на мрежата Трут сошл. Р.С.
И светските берзи реагираат по успешното мировно модерирање на Трамп
Само неколку часа откако беше објавена веста за крајот на војната, цените на нафтата паднаа за повеќе од 13 отсто, бидејќи возбудата на пазарот околу евентуалното затворање на Ормускиот Теснец брзо стивна. Ако претходно цената надминуваше 77 долари за барел, сега се движи малку над 67 долари. Р.С.