Европа да не ги затвора очите пред обидите за креирање нов македонски идентитет
Она што сега е клучно, тоа е дека намерите за креирање нова македонска нација беа обелоденети пред целата европска јавност, како сведоштво за подривањето на европските вредности од страна на земји членки на ЕУ. Македонија треба да истрае во својата борба ако сака да се одбрани од ваквите напади, но истовремено и Европа треба да биде јасна и бескомпромисна кога станува збор за етноцидни политики. Гласањето во ЕП ќе покаже дали на ваквите намери еднаш засекогаш ќе им биде ставен крај
Процесите што во изминатите десет години се одвиваа во Македонија беа добро смислено сценарио однадвор, со реализатори одвнатре, во насока на формирање нова македонска нација, која нема да има свои корени во минатото, туку нејзиното опстојување ќе се врзува исклучиво за модерната македонска држава создадена по Втората светска војна.
Интенцијата на инспираторите на ваквите етноцидни планови е да се избрише целосно македонството од овие простори и еднаш засекогаш да се затвори македонското прашање на Балканот, откако тоа се возобнови со прогласувањето на македонската независност пред 34 години.
И ако досега ваквите намери се затскриваа зад исполнување некакви болни компромиси на патот кон Европската Унија во име на европската иднина на државата, сега станува јасно дека компромисите што се бараа и продолжуваат да се бараат се со некоја поинаква намера.
Расправата во АФЕТ ги покажа вистинските бугарско-грчки намери
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги последните случувања во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, истакна дека нема никаква дилема оти целта е создавање нова македонска нација.
– Обидот за создавање нова македонска модерна нација и нов македонски модерен (современ) јазик потврдува дека не е проблем промената на Уставот, туку идентитетот и јазикот – оцени премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го завчерашното гласање во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент.
При гласањето не помина обидот на бугарските европратеници да внесат амандман со кој во извештајот за напредокот на Македонија пред формулациите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ ќе стои додавката „модерен“.
– Не го доживувам тоа како победа туку како разочарување. Зошто? Затоа што во 21 век, во Европа, бевме сведоци на обид за создавање вештачка нација и идентитет. Бидејќи тој амандман што беше предложен де факто е обид да се создаде некоја нова модерна македонска нација или некој нов модерен македонски јазик, што само по себе е преседан. Како човек и како Македонец сум разочаран. Не го доживувам ова како успех туку како нешто што за нас претставуваше пречка што ја поминавме – рече Мицкоски во интервју за МРТ.

Тој додаде уште и дека случувањата во Комитетот за надворешни работи при ЕП се само потврда дека онаа голгота што земјава ја минува во овие 25 години од нејзиниот европски пат ќе продолжи и понатаму.
– Сите во минатото што мислеа дека ќе стават потпис на некоја национална отстапка и дека ги завршуваат сите грижи – ги измамиле граѓаните. Можеби и тие биле измамени, можеби верувале дека ќе биде нешто испорачано. Но тоа не ја намалува болката на граѓаните, бидејќи ставиле потпис без да ги прашаат граѓаните. И сега цената ја плаќаат граѓаните, со тоа што беа сведоци на обид за создавање нова македонска модерна нација и нов македонски модерен јазик. Тоа потврдува дека не бил проблемот промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ, јазикот – истакна премиерот.
Јасната симболика на договорите со Бугарија и со Грција
Гледано од оваа перспектива, идентитетскиот инженеринг започна со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, потпишан во 2017 година, во предвечерието на најголемиот македонски национален празник Илинден, а заокружен со Преспанската спогодба, потпишана во 2018 година во Нивици, на бреговите на Преспанско Езеро во егејскиот дел на Македонија.
Ако се обрне малку внимание на симболиката кога и каде се потпишани обата договора, не може а да не се извлече заклучок дека на тој начин всушност е испратена јасна порака од страна на оние што го оспоруваат македонскиот идентитет, дека македонскиот народ таков каков што постоел повеќе нема да го има.
Имено, потпишувањето на Договорот со Бугарија пред Илинден е директен удар врз темелите на македонската држава, а оној со Грција, на местото каде што беше потпишан, е раскинување на врските меѓу Македонците во трите дела. Колку за потсетување, во 1945 година во Нивици беше формиран Народноослободителниот фронт (НОФ). Формиран е од Македонци што живееле во Костурско, Воденско, Леринско… Меѓу другото, според првиот Устав на НОФ, негови цели биле борба против грчките монархофашистички сили, демократија, создавање слободна грчка република, како и борба за опстанок на Македонците во Грција. Потписот во Нивици всушност значеше поништување на сите заложби на Македонците.
Пораката што беше испратена до тогашните македонски власти беше повеќе од јасна, патот кон ЕУ ќе биде можен само со нов идентитет, а за да се оствари тоа, треба да се прекине секаква врска со малцинствата во соседните земји. Затоа и беше толку среќен поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас, бидејќи знаеше што доби грчката држава, но исто толку среќен беше и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој ги оствари сите бугарски соништа од минатото.
Сечење на историските корени
Во Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, без оглед што е на само три страници, постои клучна точка што говори за заедничка, а не споделена историја, со што на бугарската страна ѝ се даде ексклузивно право таа да ја креира македонската историја во согласност со своите историски наративи. Задача на мешаната историска комисија сега е да ја заврши оваа работа, а тоа што резултатите од работата на оваа комисија се дел и од протоколите во рамките на Преговарачката рамка со ЕУ, јасно говори дека ништо не е препуштено на случајот кога станува збор за ремоделирањето на македонската историја. Опциите што во моментот ги има македонската страна се крајно неповолни, односно македонскиот народ треба да прифати или дека има бугарско потекло или, пак, дека е новоформирана вештачка нација по 1944 година, кој говори јазик што е некаков бугарски дијалект. Сѐ друго за Бугарија ќе биде неприфатливо, а тоа се виде по амандманите поднесени на извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент, со кои јасно се порачува дека македонскиот идентитет нема историски континуум, туку е новосоздаден и таков треба да се прифати. Не е чудно зошто одново сега бугарскиот министер за внатрешни работи излегува со податоци за бројот на македонски граѓани со бугарски пасоши, односно дека од 2007 година до денес бугарски пасоши поседуваат над 200 илјади македонски граѓани.
Откако Бугарија удри по врските на македонскиот народ со средновековието, 19 и почетокот на 20 век, Преспанската спогодба треба да го отвори патот за именувањето на новата македонска нација.
Имено, водејќи се од премисата дека името на државата го одредува и името на нацијата, Грција прифати географска одредница до името Македонија, цврсто инсистирајќи тоа да биде до името, а не пред зборот што го објаснува државното уредување. Ако беше така, тогаш идентитетскиот инженеринг немаше да биде можен.
Во тој случај кованиците од типот „северномакедонци“ и „северномакедонски јазик“, кои сѐ почесто ги слушаме, немаше да бидат можни, па затоа се инсистираше на „северна“ пред името Македонија, за да може да се креира новиот „северномакедонски“ идентитет. Покрај тоа, Грција го презема и правото на наследството на Античка Македонија, без оглед што и на овие простори постојано се пронаоѓаат артефакти и без оглед на светските принципи за неексклузивност, односно правото секој да може да гради сопствени историски митови врз основа на она што е откриено на негова територија.
Кога ќе се прекине целиот историски дијапазон на еден народ, тогаш се отвора прозорец за креирање нова модерна нација што треба да се гради во следните декади и веќе за една до две генерации Македонци, тие воопшто да не бидат свесни за своите вистински корени.
Она што сега е клучно, тоа е дека намерите за креирање нова македонска нација беа обелоденети пред целата европска јавност, како сведоштво за подривањето на европските вредности од страна на земји членки на ЕУ. Македонија треба да истрае во својата борба ако сака да се одбрани од ваквите напади, но истовремено и Европа треба да биде јасна и бескомпромисна кога станува збор за етноцидни политики. Гласањето во ЕП ќе покаже дали на ваквите намери еднаш засекогаш ќе им биде ставен крај.