Затоа овие „прајд“ перформанси денес никого не шокираат – оти зад нив нема никаков занес, никаква трансгресија, ами се однесуваат само на сексот и сексуалноста per se! И толку! Зад нив нема ништо. Под нив нема ништо. Особено не над нив. Нема втемеленост, нема возвишување. И затоа и никого не шокираат, затоа што се
исклучиво перформативни. Тие се само сексуални, исклучиво генитални, но не и еротични. А рековме, сексуалноста не е она што е еротизмот. Еротизмот, можеби еднакво како и религијата, не е перформативен, јавен, туку длабоко искуствен, а со тоа и интимно личен
Трајче Стојанов
Не верувам дека е само игра на случајот тоа што некои книги едноставно доаѓаат до мене и со некоја чудна, необјаснива привлечност ме тераат да ги прочитам. Една таква беше и автобиографијата на режисерот Луис Буњел, насловена како „Мојот последен здив“, во солиден превод и издание на Кинотеката на Македонија. Навистина фасцинантно надреално патување, заедно со Буњел, почнувајќи од неговото детство и младост, преку кафеаните и коктелите, жените и борделите, психоделичните искуства и соништата… до филмовите. Впрочем, веројатно тоа е патот, можеби и единствениот, до филмовите или кои било други големи уметнички остварувања!? Но, нејсе, тоа сепак не е предмет на овој есеј.
Она што е важно е тоa што во оваа книга, пред мене се распосла сиот тој свет од добата на надреализмот. Ооо, и тоа каква доба. Лично, надреализмот во уметноста ми е туѓ, тоа не е мојот естетички сензибилитет. На филозофот во мене, таа депривација на рационалност му доаѓа премногу. Но, сепак, можеби токму затоа и му се восхитувам. Можеби токму заради таа силна метафорична потентност, која, за жал јас не ја поседувам. И само заради тоа што никогаш нема да можам ниту да сонувам ниту да творам како надреалист, не значи дека надреалистите не биле генијалци. Биле, едни од последните со таква генијална лудост.
И притоа, интересно, Буњел и неговите надреалистички лудории, ги читав во „месецот на прајдот“, кога и медиумите и социјалните мрежи беа преплавени со слики од прославата на гордоста по улиците на речиси сите поголеми градови во Европа и голем дел од западниот свет. Паралелата со надреалните шокирања и „шокирањата“ приредени од „гордите“, сама ми се појави во мојата глава. И, искрено, веднаш се прашав – зарем овој прајд денес може некого да шокира воопшто? Кого ли ова сè уште може да го шокира!? И особено, по надреализмот, зошто некој воопшто и би се трудел да шокира? Дури ми се чини дека по надреализмот, денешнава, наводно прогресивна, особено оваа воук, „прајд“ и ЛГБТ… култура, е едноставно гротескна во обидот да шокира. А и кому ли по надреализмот воопшто може и да му успее тоа? И како, со што може да му успее, воопшто!? Она со што денес се обидуваат да нè шокираат е банално. А баналноста сè уште никого не успеала да шокира.
Овие прашања што ги поставувам овде, му ги поставив и во вибер- комуникација на еден мој драг и дамнешен пријател, додека дискутиравме за Буњел, неговата автобиографија и надреализмот. Неговиот одговор ви го пренесувам, со негов „амин“, во целост: „Само недоучен може да помислува на шокантноста денес, драг побратиме. По надреализмот, како осведочена естетичка бизарност и илјадници други неосведочени шокантни трибализми (шаманизми, алхемиства, анимализми…), кои сè уште се случуваат далеку од хоризонтот на нашата научена безбедност… само самодоволник и човекомразец може да се прогласува за оригинално шокантен“.
Да, само неук може да верува дека сега и токму тој го открил шокирањето! Па, и со што треба да шокира модернава, т.е. постмодернава, преку овие паради? Со сексот!? Со телото!? Па, кој уште остана да биде шокиран од сексот, по ѓаволите? Што ли има веќе шокантно во сексуалноста и сексот? По Фројд, Лакан, Батај… кому ли уште сексот му е шокантен? И тоа особено сексот како перформанс, како јавен чин!? За чудо и парадоксално – сексот денес останува попрво да шокира единствено во својата приватност отколку во својата јавност и перформативност. Оти сексот одамна е станат res publica, а престана да биде res privatа! Капиталот и капитализмот одамна го детабуизираа и претворија во перформанс. За капиталот нема митови, а особено не мистика: сè е демитологизирано, сè е демистифицирано. Освен смртта, се разбира – оти само живи правиме капитал и на ум не смее да ни падне дека еден ден ќе умреме: мора да работиме до последниот, до судниот ден и да не се прашуваме за смртноста наша воопшто. Но, тоа е друга тема, во друга пригода. Да се вратиме на сексот. Сексот денес и сексот кај надреалистите.
Да, кај надреалистите тој е присутен. Присутен во изобилство. Но не како нешто per se. Како изолиран и самодоволен чин. Сексуалноста кај нив е еротизам. А еротизмот не е исто што и сексуалноста. Еротизмот сепак е начин на трансгресија, а ќе си дозволам да кажам – а сексуалноста облик на регресија. И затоа надреалистите не остануваат на сексуалноста и сексуалниот чин per se, туку кај нив тоа е акт на уметничка, творечка артикулација – можност за трансендирање. Зад сексуалноста кај нив стои филозофија, идеја, идеолошка подлошка, стремеж, инспирација… Оти така било, така и ќе биде: сите горенаведени шаманизми, анимализми, за кои говореше мојот побратим, ја имаат истата таа езотерична нишка на сексуалноста со која се трансгредира во еротизам, преку кој или се бара или се манифестира некоја повисока смисла. Впрочем, добро знаеме дека сите ритуални, обредни сексуални чинови се токму такви чинови на трансгресија, во кои смислата лежи не во самата сексуалност, ами отаде. Или како што вели горенаведениот Ж. Батај: „Воопшто не е случајно тоа што за време на Сатурналиските оргии целиот општествен поредок се поставувал наопаку, така што господарот му служел на робот, додека тој се излежувал во креветот на господарот. Смислата на овие претерувања се темели врз архаичното поврзување на сетилното сладострастие и религискиот занес“ (Батај, Еротизам).
Затоа овие „прајд“ перформанси денес никого не шокираат – оти зад нив нема никаков занес, никаква трансгресија, ами се однесуваат само на сексот и сексуалноста per se! И толку! Зад нив нема ништо. Под нив нема ништо. Особено не над нив. Нема втемеленост, нема возвишување. И затоа и никого не шокираат, затоа што се исклучиво перформативни. Тие се само сексуални, исклучиво генитални, но не и еротични. А рековме, сексуалноста не е она што е еротизмот. Еротизмот, можеби еднакво како и религијата, не е перформативен, јавен, туку длабоко искуствен, а со тоа и интимно личен. Еротизмот – парадоксално, ќе си дозволам да шокирам – и религиозниот копнеж имаат ист корен, онтолошки интимен и пред сè метафизички.
Затоа и секаква перформативност на тој копнеж, барем мене, ми е еднакво одбивна, оти е исклучива редукција на јавен перформанс, на поопштествен феномен во служба на капиталот; одбивна ми е, оти за тој метафизички копнеж за кој говорам – и обете, и еротизмот и религијата, биле и ќе бидат длабоко внатрешно, интимно и крајно лично искуство. Дури и мистично. Оргазам – la petite mort, смрт воскресение и живот – та зарем не е тоа едно исто!?