ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА
По седмото коло, Македонија е 18-та, со пет бода во конкуренција на 22 репрезентации
Македонската репрезентација го забележа третото реми (2-2) на 17. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и за слабовидни играчи во Србија, во седмото коло, на натпреварот со Хрватска (1.785, на 22-то место пред ШО), која засега има еден бод.
Миле Чапанов (рејтинг 1.957) на првата табла со црни фигури загуби од Хинко Цајзлер (1.998), Зоран Костадиновски (1.846), продолжува со добрите игри и во ова коло ја оствари втората победа во низа по петте ремија, против Мишо Цуљак (1.756). Жарко Селковски (1.903) по четирите победи и едно реми, го доживеа и првиот пораз, од Мирослав Мајдериќ (1.773), а Филип Арсов (1.817) по трите кола ја забележа првата победа, против Фрањо Матановиќ (1.614). Во претпоследното коло на ШО 2025, Македонија (1.882, рангирана 18-та пред ШО) вчера играше со Турција (1.821, рангирана 20-та).
По седум кола, најуспешен Македонец е Селковски, со 4,5 поени од шест партии, колку што има и Костадиновски, но од седум. Арсов има 2,5 поени (од четири), а по еден имаат Мелник (од четири) и Чапанов (од седум). По ова коло Македонија е 18-та, со пет бода (13,5 поени по табли). Води Полска (2.235) со 12 (20 по табли), пред Шпанија и Венецуела со по 11 бода. Г.И.