Во рамките на манифестацијата „Скопско лето“ во Музејот на градот Скопје утре во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ од нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски. Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот „Сталкер“ од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона “од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија.
Уметникот ќе раскаже пет визуелни приказни за первертираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава до денес.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“, урнатина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата ќе бидат давани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе му бидат донирани на здружението за заштита на животните „Анима мунди“.