Фото: ЕПА

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека неговата земја останува посветена на дипломатијата, но ќе продолжи да дејствува во самоодбрана против Израел.

-Иран дејствува само во самоодбрана. Дури и во најскандалозната агресија против нашиот народ, Иран досега одговори само на израелскиот режим, а не на оние кои го помагаат и го поттикнуваат –  напиша Арагчи на социјалната мрежа „Х“.

– За разлика од нелегитимниот, геноциден и окупаторски израелски режим, ние остануваме посветени на дипломатијата – додаде тој.

Претходно, ДПА, повикувајќи се на дипломатски извори, напиша дека Арагчи може да се сретне во Женева утре со министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија. Шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, пред неколку дена изјави дека Берлин, Париз и Лондон се подготвени за директни преговори со Техеран во врска со иранската нуклеарна програма.