Екипата на Канзас сити е убедливо најефикасен тим во првенството на САД за фудбалерки и по 12 кола остана на врвот (прв клуб што сезонава стигна до десет победи) со пет бода повеќе од актуелниот шампион, Орландо

ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА САД

Канзас сити карент се врати на домашен терен по повеќе од еден месец и оствари нова победа, овој пат на натпреварот со Луисвил, со 4-2, во саботата, во првенството на САД за фудбалерки. Екипата на македонскиот стручњак Влатко Андоновски сега има пет победи по ред (прв клуб што сезонава стигна до десет победи во 12 кола), изедначена втора најдолга серија во клупската историја, а тоа беше и 18-от натпревар во низа одигран пред полн стадион на свој терен (11.500 гледачи).
Домашниот тим на дуелот со Луисвил поведе со 3-0 по 19 минути игра и сега Канзас сити е водечки во лигата и според ефикасноста во првите полувремиња, со 20 погодоци, од кои 12 во воведните 25 минути игра, пишува клубот.
Екипата на Канзас сити, која по 12 кола остана на врвот на табелата, со пет бода повеќе од актуелниот шампион, Орландо, со новите четири постигнати гола сега е убедливо најефикасен тим во американското првенство сезонава, со вкупно 28 погодока и има најдобра гол-разлика, плус 18.
Тимот на Андоновски е единствениот во фудбалското првенство на САД без загубен бод сезонава во натпреварите на домашен терен, пишува Канзас сити карент на својата интернет-страница.
По 26 кола од регуларниот дел од сезоната најдобрите осум тима ќе се пласираат во плејофот, во кој ќе се игра по еден меч на теренот на подобропласираната екипа. Н.М.