Страшо Ангеловски: Светските сили ги удираат контурите за мирот во светот за следните 100 години
Претседателот на МААК и добар познавач на геополитичките збиднувања се согласува дека светот е пред нов договор за тоа како ќе функционира во годините што се пред него.
– Ние имавме пример на формирање европски договори, како оној по Наполеоновите војни, кога големите сили седнуваат на маса во Швајцарија, шесте најголеми европски држави, и без разлика на нивните идеолошки разлики го договараат европскиот мир. Сто години Европа имаше мир од 1814 до 1914 година. Сега на светот му следува ваков договор. Најпрво ќе седнат САД, Кина и Русија и без разлика на идеолошките разлики ќе го договорат светскиот мир. Потоа на маса ќе седнат и другите, како и Африка, која е потценет континент. Така овој договор ќе придонесе за 100-годишен мир. Прв предуслов е да биде поразен западниот т.н. либерализам, со што ќе биде поразен и униполарниот поредок, со што ќе се воспостави мултиполарен светски поредок. Пред околу еден месец, американскиот политички магазин „Њузвик“ објави карта со сферите на влијание на трите големи светски сили. На оваа карта, САД ја спроведуваат Монровата платформа за владеење со западната хемисфера, САД ќе имаат влијание на целиот северноамерикански континент, како и сѐ до Панама, не појужно. На оваа карта, како руско влијание е претставена цела Европа. Затоа ЕУ е исплашена, затоа ЕУ постојано инсистира на воен конфликт, продолжување на војната каде што гинат два братски народа. На оваа карта влијанието на Кина е во југоисточна Азија. Оставени се Блискиот Исток, Австралија, Африка и крајниот југ на Јужна Америка за да бидат распоредувани понатаму.
Затоа либералната елита себеси се смета дека е од бога дадена да владее, како што и кај нас таа либерална елита, односно потомците на црвената буржоазија, смета дека од бога ѝ е дадено да владее со оваа држава. Другите немаат право да одлучуваат за иднината на оваа држава. САД и Русија во овој момент имаат заеднички непријател и заеднички цели. Можеби изгледа контрадикторно, но ден по изборот на Трамп за претседател, тој изјави дека негови главни цели се заштита на семејството, нацијата и црквата (верата). Тие исти цели ги има и Руската Федерација. Заеднички непријатели што не дозволуваат да се постигнат овие цели е токму таа либерална елита што ги има запоседнато позициите во ЕУ и големите европски држави. Ќе сторат сѐ за да се задржи доскорешниот светски поредок… Сметам и дека доколку го нема Зеленски и престане војната во Украина, либералните елити ќе немаат околу што да се обединат. Мирот во Украина нема да дојде како сепаратно решение, туку како договор на глобално ниво, договор за сфери на влијанија – потенцира Ангеловски. П.Р.
Мултиполарност-мултимозаик
Колку сили ќе го создадат тој мултиполарен мултимозаик?
Според Миломир Степиќ, научен советник во Институтот за политички студии во Белград, мултиполарноста секако не би ја сочинувале помалку од три сили – и веднаш се мисли на „Кина, САД и Русија – потоа, условно, на Индија…“ Во овој контекст сè помалку се смета на ЕУ (ако некако преживее), на која може да ѝ се придружат и некои други „геостратешки играчи“ и „геополитички штабови“ (С. Коен).
Натаму, Степиќ издвојува дека чинителите во мултиполарниот свет не мора да бидат блиску до моќта – како што обично се замислува – туку ќе бидат хиерархиски, во еден пирамидален модел, поставени наспроти една водечка сила на врвот на пирамидата и неколку други од трет, четврти… блок.
Тој понатаму одговара и на прашањето на што ќе ја темелат својата лидерска позиција овие светски креатори на мултиполарност, дали е тоа главно на тврда моќ или сè поефикасната мека моќ или, пак, на некои нови и посовршени средства за остварување на интересите – кои овозможуваат влијание врз душите, умовите и телата на „човечките ресурси“? Или, што е најлогично, на сите нив заедно – на моќта на целиот спектар?
– И сегашните војувања, најочигледни на активните боишта (Украина, Газа…), покажуваат дека без силна, модерна, обучена, мотивирана, компетентно водена и стратешко-тактички соодветно насочена вооружена сила, не може да има успех. Во исто време, економијата на сила со светски амбиции мора да стане способна не само за стабилен долгорочен раст и да се наметне на глобално ниво туку и да биде обезбедена со свои природни ресурси, самодоволна и отпорна на санкции. Нејзината технологија треба да го води сето ова, а меката моќ би требало да биде „трета страна“.
Но основата на моќта на секоја сила секако треба да биде демографски фактор и во квантитативна и во квалитативна смисла, предводен од страсна национална елита слична на Гумиљов, која е посветена на постигнување глобално лидерство како цел. Сепак, не може да се исклучи опцијата светот да се движи помалку кон мултиполарност, а повеќе кон полицентричност. Според тоа, еден или двајца моќни актери – и во форма на лидери и креатори на неколку секундарни униполаризми или биполаризми – би доминирале во секој макрорегион (блок, зона, панобласт, геостратешка сфера, голема површина, цивилизациска област…). Тие единици веројатно би биле структурирани внатрешно според моделот центар-полупериферија-периферија. Покрај тоа, нагласувам нешто многу важно, според мене, субјектите на мултиполарниот поредок не мора да бидат големи сили како држави во денешна смисла – посочува Степиќ. П.Р.
Територијалната припадност на помалите земји во претстојниот мултиполарен свет?
Неизбежен предизвик за анализа е тоа како ќе изгледаат сферите на влијание на претстојниот мултиполарен свет? Дали ќе биде во согласност со класичните принципи – претежно телурократски, „вертикално“, меридијански или, од друга страна, претежно таласократски, „хоризонтално“? До каде ќе стигне мултидимензионалната гравитациона моќ и контрола на едната сила, а каде ќе започне сферата на влијание на другата? Дали тие јасно, линеарно ќе се граничат насекаде или само во некои сектори, или ќе се преклопуваат зонски? И што ќе биде со помалите земји?
Според мислењето на научниот советник во Институтот за политички студии во Белград, Миломир Степиќ, помалите држави ќе имаат во тој свет и помалку шанси да бидат „јагне што ќе цица млеко од две мајки“, додавајќи и дека на линиите каде што ќе се допираат некои од тектонските плочи, ќе биде комплицирано…
– Со голема веројатност, за геополитичките епизодисти ќе има мала шанса за неутралност, т.е. за тоа да не припаѓаат на ниту еден од макрорегионите или сферите на интерес, но тоа не може да се отфрли. Позициите во контактните, допирни зони, како и досега, ќе останат комплицирани и ризични. Во мирни периоди, ова можат да бидат повеќекратни профитабилни таканаречени зонски порти или зонски мостови, во функција на поврзување на соседните макрорегиони (иако старата ерменска поговорка вели: „Не биди мост – сите те газат“). Напротив, кога ќе дојдат нестабилни ситуации и времиња на конфронтација меѓу водачите на мултиполарноста, „седењето на две столчиња“ повторно (секогаш) ќе се плати скапо. Поврзувањето (асоцијациите) на оваа теза со Балканот е сосема соодветно – заклучува научниот советник во Институтот за политички студии во Белград, Миломир Степиќ. П.Р.