Значителната фрустрација во Приштина поради неисполнувањето на обврската на Европската унија (ЕУ) да им дозволи на Косовците да патуваат без визи во шенген-зоната, како и неисполнувањето на битните услови за државност придонесоа за, навидум, своеволното формирање на армијата, објавува британски Би-би-си.
Косово значително застрани од евроатлантската патека во последните неколку недели. Во прилог на овие тврдења оди зголемувањето на таксите за увезените српски производи, како и денешното гласање во парламентот за формирање на косовска армија. Двете мерки се во спротивност со предупредувањата, заканите и апелите од ЕУ и од НАТО. Единствено САД го поддржуваат формирањето на воените сили.
Експертот за Балканот Џејмс Кер-Линдзи наведува дека незадоволството на Косово насочено кон западните партнери може да се покаже како контрапродуктивно.
– Ова не е начин за соработка со ЕУ. Не можете да ги предизвикувате и да се конфронтирате со нив – предупредува Кер-Линдзи, кој верува дека „заштитената егзистенција“ од страна на ЕУ и од САД во претходните 10 години, го оставила Косово дезориентирано.
На почетокот на новата фаза на односи со ЕУ, важат и нови правила. Но, не се очекува Косово наскоро да му го „сврти грбот“ на Брисел, и покрај сегашниот студен однос.