Фото: ЕПА

Искусив сѐ во текот на овие 20 години. Имав неверојатни ривали, како Енди, Новак и, секако, Роже и многу други, кои ме доведоа до моите физички и ментални граници. Навистина ништо не би било толку возбудливо без овие долготрајни ривалства, кои нѐ поттикнаа сите нас да се подобруваме секој ден. Ролан Гарос е единствен, рече Надал, рекордер со 14 титули на Ролан Гарос

ТЕНИС – СПЕЦИЈАЛНА ЦЕРЕМОНИЈА НА РОЛАН ГАРОС

Рафаел Надал беше одликуван на Ролан Гарос во неделата на специјална церемонија со која се прослави неговото извонредно наследство во Париз, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Церемонијата беше организирана на теренот „Филип-Шатрие“, сцената каде што го издлаби своето наследство.
Надал застана пред полниот стадион, во кој беа и Карлос Алкараз и Ига Швјонтек, облечени во дресови на кои пишуваше „Благодарам Рафа“, а на екраните беше прикажана видеомонтажа, која ги долови моментите што го дефинираа неговото владеење на гранслем-турнирот на земјени терени. Кон крајот на церемонијата, на теренот му се придружија неговите големи ривали Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер и Енди Мареј.
– Добро вечер на сите, ова ми е тешко. Не знам како да почнам откако играв на овој терен во изминатите 20 години. Да, уживав, страдав, победив, изгубив… Пред сѐ, јас сум емотивен што имав шанса да играм тука. Мојата бескрајна благодарност до Жил Моретон, Амели Морезмо и целиот тим на Ролан Гарос што ми дадоа можност да го имам ова поздравување, без сомнение на најважното тениско игралиште во мојата кариера – рече Надал, пренесе АТП.
Наследството на Надал на Ролан Гарос е неспоредливо. Од неговото деби со освојување титула во 2005 година, Шпанецот освои рекордни 14 титули. Од 2005 до 2008 година, Надал освои четири титули по ред, победувајќи го Федерер во финалето во три наврати и најзабележително во 2008 година, кога загуби само четири гема од Швајцарецот. По изненадувачкиот пораз во четвртото коло од Робин Содерлинг следната година, неговиот прв пораз на Ролан Гарос, Надал се врати во 2010 година за да се реваншира за тој пораз од Швеѓанецот во финалето и да почне уште една петгодишна серија со освоени титули. Неговата победа во 2012 година против Ѓоковиќ му ја донесе рекордната седма круна, надминувајќи го тогаш Бјорн Борг. Десеттата пристигна во 2017 година.
– Тоа беше неверојатна приказна што почна во 2004 година кога првпат дојдов на Ролан Гарос. Едвај одев поради повредата на стапалото, на теренот дојдов со патерици. Сонував да се вратам следната година. Во 2005 година, конечно можев да играм тука првпат. Имав 18 години и моето прво големо искуство беше натпреварот што го одиграв против мојот пријател од детството и ривал Ришар Гаске. Од тој ден, целосно разбрав што значи Ролан Гарос. Искусив сѐ во текот на овие 20 години. Имав неверојатни ривали, како Енди, Новак и, секако, Роже и многу други, кои ме доведоа до моите физички и ментални граници. Навистина ништо не би било толку возбудливо без овие долготрајни ривалства, кои нѐ поттикнаа сите нас да се подобруваме секој ден. Ролан Гарос е единствен. Не само затоа што е фундаментален дел од историјата туку и за сите луѓе што неуморно, со насмевка работат за да го направат овој турнир она што е, единствен – рече Надал, пренесе АТП. Н.М.