Нашата цел е да го освоиме секој турнир на кој играме, рече голманот на Реал, Куртоа. Вкупно 31 клуб ја освојувале светската титула, а Реал Мадрид е прв со девет, по победите во Интерконтиненталниот куп (три трофеи), клупското СП на ФИФА (пет) и во Интерконтиненталниот куп на ФИФА (еден)
ФУДБАЛ – КЛУПСКИ НАТПРЕВАРИ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА (2)
Во пресрет на клупското Светско првенство во САД од 14 јуни, прво со учество на 32 клуба од целиот свет, следуваат неколку продолженија за натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир
Мечевите за светската фудбалска титула, репрезентативна и клупска, еволуираа низ годините, двете почнаа на ист знаменит стадион, а и двете натпреварувања годинава и в година ќе ја имаат новата трансформација. Во пресрет на клупското Светско првенство (СП) во САД од 14 јуни, прво на кое ќе учествуваат 32 клуба, во неколку продолженија го претставуваме натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир со 32 клуба. Од првото издание на мечевите за светската титула, во 1960 година, тогаш како Интерконтинентален куп, преку Светското клупско првенство на ФИФА од 2000 година и новото натпреварување Интерконтинентален куп на ФИФА, од лани, најуспешен клуб е Реал Мадрид со девет титули светски шампион.
Тибо Куртоа се ближи до крајот на својата седма сезона во Реал Мадрид, каде што беше главен голман, а сега Белгиецот треба да се соочи со нов предизвик, на клупското СП на ФИФА, од 14 јуни. Целта на тимот од Мадрид ќе биде иста како и секогаш, да излезат како победници и да се вратат во Мадрид со трофејот, а сето тоа со дополнителен поттик тоа да биде на првото издание на револуционерниот турнир.
– Ќе биде одлично. Исто како играњето на Светското првенство, учеството на Светското клупско првенство е посебно искуство. Се надевам дека и гледачите и сите други ќе бидат возбудени поради тоа. Првото издание е секогаш посебно. Се надевам дека ќе има многу гледачи и мешавина од различни култури. Во секој случај, спортот има тенденција да биде многу популарен во САД, и таму игравме претсезонски натпревари. Се надевам дека ќе уживаат во Светското клупско првенство и на Светското првенство следната година. Едвај чекам да почне. Нашата цел е да го освоиме секој турнир на кој играме – рече Куртоа, пренесе ФИФА.
Вкупно 31 клуб ја освојувале светската титула. Реал Мадрид трипати победи во Интерконтиненталниот куп, пет пати на клупското СП на ФИФА и еднаш на во Интерконтиненталниот куп на ФИФА, за вкупно деветте планетарни титули. На таа листа потоа се Милан (Италија) и Баерн (Германија) со по четири трофеи, по три освоија Пењарол, Национал (двата од Уругвај), Бока јуниорс (Аргентина), Сао Пауло (Бразил), Интер (Италија) и Барселона (Шпанија), уште седум клуба имаат по две титули, а 15 по една. Н.М.
(продолжува)