На вечната дилема кое овошје е најздраво од сите, научниците конечно дадоа одговор, истакнувајќи едно изненадувачки егзотично овошје. Иако јаболката и бананите се меѓу најчесто консумираните плодови низ светот, ново истражување покажува дека на врвот според нутритивната вредност се наоѓа — сицилискиот лимон.
Тим истражувачи од универзитетот „Вилијам Патерсон“ во САД спроведоа детална анализа на голем број овошја, рангирајќи ги според концентрацијата на клучни хранливи материи.
Резултатите покажале дека сицилискиот лимон ја надминува конкуренцијата благодарение на високиот процент на витамин Ц, моќните антиоксиданти и многубројните здравствени придобивки што ги нуди дури и во мали количества.
Според студијата, сицилискиот лимон содржи висококонцентрирани хранливи материи. Богат е со витамин Ц и моќни антиоксиданти како што се флавоноидните соединенија, а дури и мали количества од овој лимон нудат висока нутритивна вредност.
Неговата консумација го зајакнува имунолошкиот систем, помага за подобра апсорпција на железо и ја поддржува правилната дигестија. Истовремено, неговите антиинфламаторни својства се поврзани со превенција од кардиоваскуларни заболувања, додека антиоксидантите дејствуваат против слободните радикали, кои се одговорни за стареењето на клетките.
Интересен факт е алкалниот ефект на лимонот врз телото по метаболичка обработка, и покрај неговата кисела природа – што помага во регулирање на pH-вредноста на организмот и подобрување на дигестивниот систем.
Популарната навика денот да се започне со чаша вода со лимон не е само тренд од социјалните мрежи – туку е поткрепена со научни сознанија и вистински здравствени придобивки.