Вечерва, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „Магична виолина“, на кој како солист ќе се претстави еден од најголемите виолинисти на денешнината, Вадим Репин од Русија, кој за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот „Концерт за виолина и оркестар бр. 2“ од Сергеј Прокофјев.
Диригент на концертот е маестро Владимир Вербицки од Русија, кој првпат настапува на македонската сцена, а кој се смета за еден од најактивните руски диригенти и кој гостува на сите континенти. Под неговата диригентска палка, оваа вечер ќе биде изведено и едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски – „Ноќ на пустата планина“, како и македонската премиера на Симфонијата бр. 1 од рускиот автор Василиј Калиников.
Вадим Репин е роден е во Сибир (1971) и на само единаесет години го освоил златниот медал во сите категории на натпреварот „Виењавски“, по што одржал рецитали (како негови дебија) во Москва и во Санкт Петербург. На 14 години, Репин дебитирал во Токио, Минхен, Берлин, Хелсинки, а една година подоцна и во „Карнеги хол“ во Њујорк. На 17 години бил најмладиот победник на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“. Оттогаш тој настапува со најголемите светски оркестри. Неговото име како солист стои на импресивни снимки на концерти за виолина од Шостакович, Прокофјев, Чајковски, Бетовен… Во Франција (2010) ја добива наградата за животно дело и е одликуван со престижната титула витез од редот на уметноста и книжевноста. Репин е почесен професор на Централниот конзерваториум за музика во Пекинг, како и на Шангајскиот конзерваториум.