фото: З.А.

Доцна попладнево пред општинската зграда во Кичево беше одржан трет мирен протест на граѓаните на Кичево, кои разочарани од нерешавањето на проблемот со дивата градска депонија, во голем број беа присутни и ги повторија претходните барања, дивата депонија кај Керамичкиот комбинат итно да се дислоцира за да можат граѓаните да дишат чист воздух.

фото: З.А.

Пред присутните се обрати Бојан Мишкоски, од организацискиот одбор.

– Ете нѐ нас тука. Зарем е потребно уште да ги споделуваме тука заедно нашите маки и проблеми. Зарем малку пати е кажано што е нашиот најголем проблем во моментов. Луѓе мои, па ние само бараме едно од нашите основни загарантирани права. Правото да дишеме чист воздух – истакна Мишкоски и апелираше до надлежните да си ја завршат работата, а тоа е решавањето на проблемот со дивата депонија.

– Тука не сме излезени да им бараме пари на надлежните. Бараме тие да си ја завршат работата. Истата онаа за која се платени од нас граѓаните, од нашите даноци и придонеси, кои ние лично ги плаќаме – додаде тој.

фото: З.А.

– Градоначалниче, вие кои ветивте и сѐ уште тврдите дека ќе работите и работите за доброто на сите граѓани на Кичево, вие сте тој што со пронаоѓањето на решение за оваа депонија, активно работите да нѐ делите нас граѓаните на важни и помалку важни. Како што гледате нашиот револт расте, а бројноста со секој нареден протест е сѐ поголема. Нашите барања се едноставни и решливи. Отстранете ја актуелната дива депонија која полека, но сигурно нѐ убива секој ден – заврши Мишкоски.

З.А.