ШАХ – 58. МЕМОРИЈАЛ „КАПАБЛАНКА“

Романов ремизира со Нестеров во 4. коло

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов, по покана на Шаховската федерација на Куба, учествува на 58-от Меморијален шаховски турнир „Капабланка“, на кој игра секој со секого, двапати. Покрај Романов (2.599 рејтинг-поени), на турнирот играат уште четворица ВМ, Русите Волдар Мурзин (2.658) и Асрени Нестеров (2.587), Данецот Јонас Бухл Бјере (2.641) и Кубанецот Карлос Алборноз Кабрера (2.548). Меморијалот се одржува во повеќе натпреварувачки турнири, а петтемина погоре спомнати играат на најквалитетниот, наречен Елита. Во првото коло Романов беше слободен, во второто со бели фигури ремизира со Кабрера (по 31 потег), во третото по голема борба со црни фигури загуби од првиот фаворит, Мурзин (по 76 потези), а во четвртото коло, во интересна партија со бели фигури го подели поенот со Нестеров (по 33 потези). Вчера на распоредот беше петтото коло, а Романов играше со црни фигури против Бјере, по што следува слободен ден. На табелата води Мурзин со три поени. Ако Романов на овој турнир освои нови рејтинг-поени, тој повторно ќе се најде во друштво со шахистите што имаат 2.600 рејтинг-поени, што претставува успех. Г.И.


АТЛЕТИКА

Ивановски ќе настапи на СП 2025 во Токио

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски ќе настапи на Светското првенство (СП) во атлетика годинава во Токио (Јапонија), во периодот од 13 до 21 септември. Заклучно со 4 мај заврши квалификацискиот период за пласман на СП 2025 во дисциплината маратон, каде што пласман преку остварен критериум на Светската атлетика (ранкинг-системот) успеа да обезбеди Ивановски, пласирајќи се на 90-то место меѓу 100 атлетичари.
Ова е вторпат во низа македонски атлетичари да остварат директен пласман преку ранкинг-системот, откако на претходното СП во Будимпешта (Унгарија) во 2023 година, Адријана Поп Арсова беше првата атлетичарка во историјата на Македонија што успеа да оствари директен пласман на СП.
Квалификациите во другите дисциплини за ова СП уште се во тек и можно е уште некој македонски атлетичар да обезбеди пласман. Ова е само уште еден знак за успесите и квалитетот што ги имаат македонските атлетичари, пишува Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Г.И.