Иако многумина се убедени дека познатата фотографија е фалсификувана или дури и целосно вештачка, тоа ни оддалеку не е вистина. Ја откриваме приказната за тоа како настанала најпознатата компјутерска заднина на сите времиња.
Чарлс О’Рир е роден во 1941 година и работел како фотограф за списанието „Нешнал џиографик“ повеќе од 25 години. Од 1978 година неговиот интерес бул насочен кон лозарството и производството на вино и тој фотографирал на оваа тема низ целиот свет. Иако целиот свој живот се занимавал со фотографија, својата најпозната фотографија не ја направил за време на планирано снимање, туку случајно. Додека возел по автопатот 121 во Калифорнија, Чарлс решил да скршне од патот и да фотографира сцена за која често размислувал.
Неколку години подоцна, „Мајкрософт“ му платил солидна сума за таа фотографија, но О’Рир никогаш не ја открил сумата. Фотографијата е тоа што е благодарение на комбинација од филм „фуџи“, со подобрени бои, и одличната оптика на фотоапаратот што О’Рир го користел во тоа време. Тој не можел сам да ја одреди цената за фотографијата, па „Мајкрософт“ му испратил авионски билет за да оди во седиштето и да преговараат. Фотографијата е прикажана на XP-системот од 2001 година и ја гледаат повеќе од милијарда луѓе секој ден.
Со години постоеја контроверзии околу местото каде што е направена оваа фотографија – Ирска, Франција и Нов Зеланд беа можни локации, но шпекулациите завршија кога „Мајкрософт“ ја откри долго чуваната тајна на Јутјуб. Пејзажот од зелени ливади, сино небо и само неколку облаци всушност се наоѓа во Калифорнија, во округот Напа.
– Сликана е во близината на мојата куќа, додека бев на гости кај девојка ми, северно од Сан Франциско. Денот беше токму таков. Фотографијата не беше фотошопирана. Тревата беше совршена, а сонцето сјаеше. Немаше ниту еден облак на небото, но кога паркирав и ја поставив камерата, се појавија облаците – изјави О’Рир.
Познатото место од каде што потекнува фотографијата подоцна било претворено во лозје.