Синоќа во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворена изложбата на фотографии „Булки“ на Милан Темелкоски, кој се претставува со дела на кои се овековечени неговите фото впечатоци од булките на полјаните.
Отворајќи за изложбата, Ивана Темелкоска, графички дизајнер, посочи дека Темелкоски покажува дека фотографијата не е само технологија, не е само убав кадар, туку начин да се забележи и почувствува мигот таков каков што е.
-„Булки и сенки“ е поделена во два дела што на прв поглед изгледаат сосема различно, ама всушност имаат многу заедничко. И едните и другите фотографии не потсетуваат колку светлината, природата и моментот што го живееме се важни и колку често не ги забележуваме додека некој како Темелкоски не ни ги „турне“ пред очи… Овие фотографии се сведоштво дека нешто толку обично, толку наше може да биде величенствено кога ќе му дадеме време да го видиме со вистинските очи. Фотографиите се омаж на природата околу нас, но и на тие невидливи пејзажи во нас, она што не секогаш ги артикулираме, ама ги носиме длабоко. А, сенките се тивки придружници што понекогаш знаат да бидат позборливи од самиот објект – рече Темелкоска на отворањето на изложбата.
Темелкоски е етаблиран фотограф, документатор, кој целиот живот фотографира и документира објекти, локалитети и настани низ Македонија и има реализирано неколку изложби.
Ка.М.