Фото: Пиксабеј

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе прими над дваесет бели бегалци од Јужна Африка – невообичаен чекор откако Вашингтон ги суспендираше повеќето програми за прифаќање бегалци, се наведува во документ од Белата куќа.

Првите јужноафрикански бегалци ќе пристигнат в понеделник на меѓународниот аеродром „Далес“ во Вашингтон. Тие ќе бидат пречекани од владина делегација, вклучувајќи го заменик-државниот секретар и претставници на Министерството за здравство.

Замениот шеф на кабинетот на Трамп, Стивен Милер, изјави дека летот ќе биде прв од неколку слични.

Бегалската програма на Белата куќа беше ставена на пауза од претседателот Трамп во февруари, при што беа запрени пристигнувањата од Авганистан, Ирак и повеќето земји од Субсахарска Африка и Латинска Америка. Сепак, со указ, приоритет беше даден на прифаќање бели Јужноафриканци кои тврдат дека се расно дискриминирани во својата татковина.

Администрацијата на Трамп ја прифати непријателската позиција кон Јужноафриканската Република, откако американскиот државен секретар Марко Рубио бојкотираше состанок на Г-20 во Јоханесбург поради фокусот на теми како инклузија и климатски промени.