Фото: „Нова Македонија“

НБА
Кливленд со четврта најубедлива победа во историјата на плејофот

Само три клуба досега имаат остварено поголема разлика

НБА-екипата на Кливленд се пласираше во полуфиналето на Источната конференција откако убедливо го доби четвртиот натпревар против Мајами со 138-83 од серијата од првото коло во плејофот. Кливленд славеше во четвртиот меч во полуфиналето на Источната конференција, откако на гостински терен го совлада ривалот со дури 55 коша разлика. Кливленд убедливо се пласираше понатаму во четири добиени натпревари, со вкупна разлика од 122 коша. Тоа е еден поен повеќе од претходниот рекорд поставен од Денвер против Њу Орлеанс во 2009 година. Кливленд ја доби првата четвртина со 43-14, а на полувремето се замина со 72-33. Кливленд имаше водство и од 60 коша разлика, а заврши со позитива од 55, што е четврта најубедлива победа во историјата на плејофот во НБА. Кливленд во второто коло ќе игра против победникот од серијата прв до четири, а тоа се Индијана или Милвоки. Индијана моментно е во водство со 3-1.
Екипата на Голден стејт, пак, поведе со 3-1 против Хјустон, откако славеше со 109-106 на свој терен во четвртиот натпревар од првото коло на плејофот. Кај победникот најефикасен беше Џими Батлер со 27 коша, а еден помалку уфрли Брендон Подземски. Кај поразениот тим прв стрелец беше Алперен Шенгун со 31 поен. Следниот меч се игра денеска вечер, а домаќин е Хјустон, кој со евентуална победа ќе настојува да ја продолжи серијата. Г.И.

Победи со најголема разлика во плејофот
1956 г. Минеаполис – Сент Луис – 58 коша,
2009 г. Денвер – Њу Орлеанс – 58 коша
1973 г. ЛА лејкерс – Голден стејт 56 коша
2015 г. Кливленд – Мајами 55 коша


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ ЗА МЛАДИНЦИ
Барселона го подигна трофејот

Шпанскиот клуб стана првиот во оваа конкуренција што триумфирал трипати

Фудбалерите на шпанскиот клуб Барселона ја освоија титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) за младинци, откако во финалето во Нион (Швајцарија) убедливо го совладаа со 4-1 турскиот претставник Трабзонспор. На тој начин Барселона, предводена тренерот Џулијано Белети, стана првиот клуб во оваа конкуренција што трипати ја освои Лигата на шампионите.
Ибрахим Диара постигна два гола во 11-та и 68-та минута, додека Андрес Куенка во 18-та и Уго Алба во 57-та минута дадоа уште по еден. Кај поразените, Биџан Тибукоглу го ублажи поразот со гол во 88-та минута. Натпреварот се одигра на малиот стадион, сместен во близината на седиштето на УЕФА во Нион (Швајцарија), каде што претежно доминираа турски навивачи.
Фудбалските тимови на Барселона сезонава ќе се борат уште за две титули во Лигата на шампионите. Машкиот сениорски тим ќе игра два меча во полуфиналето против италијански Интер, а женскиот сениорски тим во финалето на 24 мај во Лисабон (Португалија) ќе ги одмери силите против англискиот претставник Арсенал. Г.И.


ОДБОЈКА – ПРВА ЛИГА, МАЖИ

Струмица на чекор до одбрана на титулата

Одбојкарите на Струмица 47/72 се на чекор до одбрана на шампионската титула во Првата машка лига, откако во неизвесен меч со триумф над Штип УГД со 3-2 во сетови (25-11, 19-25, 25-22, 13-25, 15-13), пред својата публика во салата „Парк“ дојдоа до предност од 2-0 во финалната серија. Решавачки се покажа петтиот сет кога бранителот на титулата дојде во значајна победа и сега има шанса во три натпревари да ја затвори финалната серија и да ја освои 12-та шампионска титула во својата клупска историја.
Струмица до овој успех во вториот меч ја предводеа Кинтеро со 17, Нилсен со 16 и Милев со 13 поени, додека кај Штип УГД, Задмард постигна 18, Багаев 16, а Гомез реализираше 15 поени. Третиот натпревар од финалната серија за мажи се игра на 1 мај, со почеток во 19 часот, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип. Г.И.