Илустрација: Ласко Џуровски

Едни убиени, други осудени и во зандани, ама пораката на гемиџиите останала за вечни времиња: „Атентатите се дело на група македонски патриоти. Удираме со нив по совеста на цивилизираната Европа во името на еден народ, потиснат во ропство. Бараме интервенција од слободниот свет! Долу тиранијата! Слобода на народот!“

На денешен ден пред 122 години во Солун гемиџиите ги започнаа Солунските атентати, кои, како борбен акт, траеја неколку дена, ама како колективна меморија прераснаа во национален мит и историска легенда. За нив македонскиот народен гениј ќе запише: „Запеј Солуне, запеј, засвири со сета тага и болка/Да се чуе надалеку, надалеку во мила Македонија/Младост не жалеа, живот си дадоа, за наша мила Македонија/Сите беа млади, Орце, Шатев, Кирков, Мечев, Тричков, Пингов/Нежни цветови во градина, од роса наросени, на сонце ненасмеани/Младост не жалеа, живот дадоа, но ниеден невин живот не зедоа/Се жртвуваа за Македонија…“
Во историјата на Македонија и на македонскиот народ има многу бурни и значајни настани што го привлекуваа вниманието на балканската, европската и светската јавност. Еден од најзначајните такви настани се токму Солунските атентати т.н. „динамитни диверзии“ изведени од револуционерно анархистичката група наречена „Гемиџии“. Наречени така, тие својот живот ќе го поистоветат со гемија што плови по бурното море, која може да излезе на брегот или пак да се разбие од подводните карпи. Се случило второто и сите до еден влегле во легендите и историјата. Верувале дека светот ќе се разбуди со тресок, со удар по капиталот на европските корпорации. Сакале преку лична трагедија, поштедувајќи туѓи животи, да ја покажат силата на Македонија. Сакале да удрат на совеста на големите сили и да им кажат дека македонскиот народ не е веќе паричка за поткусурување. Ќе запалат брод, неколку кафеани, еден ан, во воздух ќе дигнат еден хотел, банка и пошта… Со овие солунски грмежи и опожареното небо ќе го потресат турскиот режим и ќе пукаат во совеста на заслепената Европа. Беа убедени дека тоа му го должат на потиснатиот и измачен македонски народ.

Кои се и што претставуваат солунските атентатори?

Тоа се нашите бродари (гемиџии, од „гемија“, што на турски значи чун, брод, лотка), кои се простиле од животот од кој не очекувале ништо добро и му се препуштиле на житејското море, со цел или да успеат или да ја извадат својата гемија, кораб, на суво, на песокот од брегот. Поинаку кажано, луѓе што се простиле од своите животи и ја пуштиле својата животна лотка по бурното море, која или ќе излезе на брегот или ќе се разбие од сцилите и харибдите и ќе потоне. Ова е кратка дефиниција за нивната бунтовна животна филозофија. Во суштина тие се радикални револуционери под влијание на анархистички идеи. Изведоа низа бомбашки напади и динамитни диверзии на странски брод и банка, пошта, електрична централа, хотел и ресторани и кафеани на Турската Империја – тиранијата-поробител на Македонија. Тоа беа млади момчиња, тукушто завршени ученици на Солунската гимназија или рани студенти, со своите први љубовни јадежи, со своите неотсонувани соништа, со грижите за Македонија и надежите за иднината на македонскиот народ. Сите тие: Јордан Поп Јорданов-Орце, Коста Кирков, Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Илија Тричков, Тодор Богданов, Ѓорги Богданов, Владимир Пингов, Илија Поп Јорданов и Милан Арсов од Велес, како и Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, Димитар Коштанов и др. биле на возраст од 18, 19, 20 до 22 години. Нешто постари биле Д. Мечев, Д. Коштанов и М. Бошнаков, кои веќе биле членови на ТМОРО.
Еден од неколкуте преживеани гемиџии, Павел Шатев, многу конкретно ќе ги долови нивните личности и профили на млади луѓе – револуционери, анархисти и подготвени да ги положат животите за својата татковина – Македонија. Нешто слично ќе направи и Тодор Органџиев. Сите овие млади синови на Македонија најмногу ја сакале својата напатена татковина, за која биле подготвени да ја жртвуваат и младоста, која штотуку се распролетувала пред нив. Што ги натерало на тоа? Турскиот политички, социјален и економски гнет? Духовната потчинетост од антимакедонските пропаганди (бугарска, грчка, српска)? Или, пак, незаинтересираноста на европските сили за македонското прашање и нивната неодлучност истото тоа да го решат, еднаш засекогаш? Одговорот е сето тоа заедно – од првата до последната неправда и поради сите нерешени прашања, битни за егзистенцијата на македонскиот народ.

Што направија гемиџиите за Македонија?

Солунските атентатори – гемиџии, со своите храбри акции во април 1903-та, во кои најголемиот дел од нив ги положија своите млади животи, имаа цел, по цена на саможртвување, да ѝ го свртат вниманието на неправедната и задремана Европа кон маките на напатениот македонски народ. Со нивните „динамитни диверзии“ тие млади синови на Македонија со својата борба, храбар чин и акт на саможртва ја создадоа епопејата на гемиџиите. Тие преку храбри бомбашки напади и самоубиствени динамитни диверзии влегоа во вечноста. Време на извршување на овие бомбашки напади и динамитни диверзии се 29, 30 април и 1 мај 1903 година. Место на оваа храбра, самоубиствена, но и крвава драма е градот Солун – град во кој беше сконцентриран поголемиот дел од македонската интелегенција, балканските трговци, странските дипломатски мисии во Отоманското Царство и претставништвата на странските институции, како банки, пошти, фабрика за гас и верски и образовни мисии. Организатори, подготвувачи и извршители на овие атентати биле припадниците на солунскиот кружок „Гемиџии“: десетмина од нив фрлале бомби во кафеаните „Алхамбра“, „Њоњо“, „Египет“, пред „Гранд хотел“, во „Бошнак-ан“, го потонале францускиот брод „Гвадалкивир“, активирале динамит во Отоманската банка, поштата, плинарата, германскиот клуб, и шестмина од нив загинале, а четворица останале живи, биле фатени, судени и осудени. Казната ја издржувале во градот Мурзук, длабоко во африканската провинција Фезан. И така, едни убиени, други осудени и во зандани, ама пораката на гемиџиите останала за вечни времиња: „.Атентатите се дело на група македонски патриоти. Удираме со нив по совеста на цивилизираната Европа во името на еден народ, потиснат во ропство. Бараме интервенција од слободниот свет! Долу тиранијата! Слобода на народот!“
Солунските атентати биле многу добро организирани и извонредно одлично изведени. Младите гемиџии на дело покажале дека може да се добие максимален ефект при минимални цивилни жртви. Многу впечатливи се записите на Христо Силјанов за Солунските атентати и гемиџиите. Тој е човек што ја напиша најдобрата хроника за македонската револуционерна борба и Илинденското востание, кој за гемиџиите и нивниот самопожртвуван револуционерен чин меѓу другото ќе напише: „Но сѐ што може да се земе како прекор на динамитчиите, бледнее пред величината на нивниот дух. Тој дух кој, се гледа, стасува до страотни ефекти низ поговорно уривање, е исполнет со чуден идеализам и исткаен со необични контрасти. Во кусиот интервал до експлозијата, првата грижа на Орце е да го спаси директорот на банката со неговото семејство. Каква морална убавина и колку човечко благородство има во тој гест на суровиот водач! Тој водач кој не отстапувајќи од успехот во почнатото страшно дело, со својата брутална строгост, често ги тероризираше своите другари…“ Во прилог на оправданоста на нивниот чин е и пишувањето на Крсте Битовски, кој меѓу другото запишал: „Динамитните бомби што гемиџиите ги фрлале по кафеаните биле направени со долг фитиљ, за да им се даде можност на гостите благовремено да го напуштат локалот. Целта, значи, била да се урива, да се дига што поголем шум преку динамитните експлозии, и со тоа да се создава паника, да се напаѓа непријателот, но сето тоа, по можност, да се изврши со што помалку жртви меѓу невиното население“.
Солунските атентатори, изведените од нив Солунски атентати – серијата од динамитни диверзии и бомбашки напади – се кристално јасен показ колку тешко се доаѓало до слободата во Отоманската Империја. Тие се и доказ за тоа која е и каква е цената на слободата. Гемиџиите неповратно и непоправливо беа задоени со анархистички идеи. Беа млади момчиња што доброволно отидоа во смрт. Тој самоубиствен чин за нив беше влез во колективната меморија на македонскиот народ, што со текот на времето се претвори во чин на вечно паметење. Покажаа и докажаа дека имаат огромна нескршлива волја за придонес на македонското дело, волја што ја реализираа преку однапред испланирана смрт во револуционерна акција. Револуционерната и смртната завет ја реализираа така што: едни на турските куршуми им се спротивставија со своите млади гради; други се набија на војнички бајонети; трети прегрнуваа од нив активирани бомби. На тој начин тие го изразија зовриениот благороден гнев на својата татковина Македонија и за век и веков ги завештаа Македонците со најпрекрасниот пример на самопожртвуваност.
Гемиџиите биле малобројна група, ама идејно единствени и компактни. Решителноста да ги спроведат солунските динамитни диверзии и атентати им била на највисоко ниво. И покрај сите неосновани напади врз нивните разорни револуционерни дејства, фактите содржани во искажувањето на нивните современици, а особено записите на Павел Шатев, покажуваат дека тие биле проникнати со чувство на длабок хуманизам. Тој нивен хуманизам се искажувал во текот на изведувањето на самите акции, кога самите одеа во прегратката на својата смрт, притоа внимавајќи да се избегнат непотребните невини жртви. Факт е дека гемиџиите одамна престанале да мислат и да се грижат за нивните животи. Затоа и шестмина од нив ја предизвикале и реализирале својата храбра смрт. Но уште поголем факт е и непобитна вистина дека во најкритичните моменти за време на изведување на Солунските атентати и диверзии, совесните гемиџии со најголема присебност се грижеа да ги заштитат животите на невините луѓе.

Гемиџиите ги положија животите и младоста за слобода на Македонија

Гемиџиите ѝ се подадоа на смртта во цветот на својата младост. Нивната храбра смрт и диверзиите што ги спроведоа, како што се експлозијата на бродот „Гвадалкивир“, кревањето во воздух на Отоманската банка, прекинувањето на осветлувањето во Солун и другите диверзантски и бомбашки акции, им покажаа на Турција и на Европа дека Македонија нема да се смири додека не стане независна и слободна. Да забележиме дека Орце растел во семејство што крвавело за Македонија. Негов постар брат бил Миле Поп Јорданов, револуционер и војвода, кој загинал за слобода на народот и за независна Македонија. Кирков бил револуционер што ги впивал одзивите од Француската револуција и од нив учел како да им се стави крај на црнилата. Мечев бил сиромашно сираче, на кое од млади години корката леб му била тврда учителка. Павел Шатев растел со патилата на својот народ и ги гледал неправедностите на секоја педа од Македонија. Милан Арсов, пак, копнеел за слободна татковина и поубава младост. Сите тие, но и другите нивни другари биле бесни, полни со чемер и лути на Европа и на светот, што така бездушно гледаат како еден напатен народ и една потчинета земја патат и тонат во сиромаштија и ропство. И што е најбитно, сакале на тој безочен свет да му го свртат вниманието кон маките, болката и мизерните услови за живот на својот народ. Тоа и го направиле, а народниот гениј во песна ќе испее: “…Бомби трештеа, банката се тресеше, поштата гореше, Гвадалкивир тонеше/Прозбори Македонија, прозбори многу гласно, прозбори со смртта на гемиџиите/Младост не жалеа, живот си дадоа, за наша мила Македонија/Слушнете народи, чујте сите од исток, запад, север и југ – ваму има луѓе желни за слобода, живот даваат за мајка Македонија…“
Едноставно тие размислувале дека таа и таква Европа („Вавилонска ороспија“) не може да се разбуди со молчење или молење т.е. коленичење. Илинденската епопеја тоа и ќе го потврди, т.е. народот македонски ќе покаже храброст како своите гемиџии. И гемиџиите и македонскиот напатен народ се увериле дека неа не ја трогнуваат солзите на напатениот и угнетуван народ во Македонија. Тие ја виделе и ја почувствувале сета беда на дипломатските, на финансиските и на државните кругови во Солун и пошироко. Се увериле дека никој не сака вистински да му помогне на сиромашниот, на потиснатиот, на онправданиот, на поробениот. Затоа – поради анемичната и заспана Европа – но и поради родољубиви причини, овие млади момчиња се одлучуваат на радикално дејствување, преку драматични динамиташки акции. Биле подготвени и за нешто многу повозвишено – да ги жртвуваат своите млади животи за да го привлечат вниманието на европските сили, да ја разбудат нивната совест, со една единствена цел – да помогнат во ослободувањето на македонскиот народ од политичкиот, социјалниот и духовниот гнет. Нивното саможртвување беше и остана херојско. Генерациите Македонци ги паметат како неповторлив пример за свесна саможртва.
Драги мои Македонци, овој величествен чин на нашите храбри гемиџии е идеализам, фанатизам, ама пред сѐ револуционерно дејство, реализирана заклетва со извршена мисија. Саможртвувањето на гемиџиите е херојско. Секоја чест за нив. Пред нив и нивното храбро дело можеме само да се поклониме и да им оддадеме почит.

Сотир Костов