Претставена сликовница на коавторите: Биљана Стојановска и Владимир Лукаш
Во КСП-Центар „Јадро“, во неделата, околу пладне беше полно со детски џагор. Голем број родители со своите синови и ќеркички дојдоа на промоцијата на сликовницата „Потрага по храброст“, на текст на поетесата Биљана Стојановска, а илустрациите се на Владимир Лукаш. Книгата е дел од едицијата за деца на издателството „Чудна шума“.
Промоторка на сликовницата беше Билјана Црвенковска, која посочи дека книгата е и за дечињата, но и за нивните родители, кои исто така имаат што да научат од пораките што ги пренесува, како да се пронајдат храброста и самодовербата кај секого од нас. Малата ластовичка Верка е последна од ластовичките во гнездото што сѐ уште не научила да лета. Откако мајка ѝ ќе ѝ каже дека треба да ја пронајде храброста за да полета, Верка поаѓа во потрага по храброста…
Авторката Биљана, пак, откри дека ова дело го напишала одамна, но сосема заборавила на него, додека неодамна не ја потсетил Владимир Лукаш, кој ѝ рекол дека не би било лошо да се оживее оваа убава идеја. И така и се случи.
На промоцијата извадоци читаат младите читатели Давид Ангелкоски (10) и Исак Стојановски (6), а членовите на музичката група ВИС „Тркалезна маса“: Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Васко Марковски, Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш + придружен вокал Биљана Стојановска, отпеаја дел од текстот од „Потрага по храброст“.
Биљана Стојановска е родена во 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави својата прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитничка е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Tретата поетска книга „Додека спиеш“ е објавена во 2024 година во издание на „Чудна шума“.
Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.
Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист. Активно работи во сите сфери на уметноста.
М.Т.
Постои ли лет без верба?
Постои ли лет без верба?
Без храброст да најдеш в срце?
Да рашириш крилја,
ветерот сам да те крене
песнава да те подземе.Рашири крилја кон небото сино
Срцето гласно нека пее.
Светот во тебе е големо кино
Некогаш ќе се стемни за да огрее.Стравот знае сам да дојде
Душа да се стресе, мислата да појде
Насмеј му се в лице
обравче штипни му,
со љубов намигни му.
Рашири крилја кон небото сино
Мислата нека се престори во песна
Гушни се меко, топло е и силно
Слободата е слатка, слободата е лесна
Срцето гласно нека пее
Сонцето ќе се скрие, за потоа да огрее.
Биљана Стојановска