Европската Унија не треба да прима нови членки додека интеграцијата не се продлабочи и не бидат спроведени реформи, изјави вчера францускиот претседател Емануел Макрон.
Во говор во Европскиот парламент, Макрон нагласи оти сака да бидат примени државите од Западен Балкан во европскиот проект, но дека времето за нивното членство сѐ уште не е дојдено.
– Ќе поддржам проширување само кога прво ќе има продлабочување на интеграцијата и реформи во нашата Европа – истакна Макрон.
Тој додаде дека не сака Балканот да се сврти кон Русија или кон Турција, но не сака ниту Европа, која во услови на тешко функционирање сега со 28, а утре со 27 членки, да биде со 30 или со 32 држави со истите правила.
Лидерите од ЕУ и од Западен Балкан ќе имаат самит на 17 мај во Софија за да се разгледа иднината на регионот.