Фото: Фејсбук профил/Христијан Мицкоски

Државата е на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина. Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција. Таа е инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење. Корупцијата е системски проблем, не индивидуална девијација, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на Тркалезаната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан.

Мицкоски рече дека корупцијата кај нас не е само појава, туку дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството и систем кој се штити сам себе.

– Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем. Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ – било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува – рече премиерот.

Според него, уште позагрижувачки е што институциите кои треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – често пати се неми, неефикасни или пак, под политичко влијание.

Мицкоски рече дека реформите во правосудниот сектор се најитни и оти без нив, сите други реформи се безвредни.

На Тркалезната маса што се одржува во Владата зборуваа и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, амбасадорот на Шведска во Македонија Ами Ларсон Џаин и Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската унија – експерт на УНОПС.