Колумна на Горан Ѓоргоноски во две продолженија
Долго во натпреварот Алкалоид беше во егал или блага негатива, во подредена позиција и немаше решение за нападот на гостите, но беше неверојатно трпелив и упорен, барајќи решение, чекајќи ги Галец и Кизо да “пипнат” топка, да и помогнат на зоната, која беше постојано во -1 играч ситуација, благодариме на формацијата 7-6 на Мирхол. Паралелно со тоа, трчаше рамноправно со скандинавски ривал, чекајќи го моментот кога на 3 и 4 се составија Марко и Тино и кога Галец, конечно спои неколку одбрани во серија, создавајќи солидна разлика, која може многу да значи, а може и буквално ништо да не значи.
Во чест на Пасха и именденот на мојот татко, а силно мотивиран од празничната претстава на нашиот Алкалоид во полуфиналето од ЕХФ купот, против силниот Рунар Сандрерфјор, предводен од живата легенда на светскиот ракомет, Бјарте Мирхол, како против тежа на нашиот Кирил Лазаров, на другата страна и пласманот на младите ракометари на Пелистер на фајналфор турнирот во Келн, по долга пауза се „фатив“ за тастатура. (Пре)многу настани, натпревари, ситуации, за период од неполн месец од како ја напишав последната колумна „после Романците“, а имам чувство како да поминала цела година.
Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија.
Стартува второто продолжение . . .
СИМБА, МАРТИН И СИЛВА УСПЕШНО ГО ЗАМЕНИЈА РАКОМЕТНИОТ БРУС ЛИ
И конечно, она што е најтазе. Рунар Сандрерфјор е последната препрека на Алкалоид за настап во едно европско ракометно финале. Норвешка екипа која, очекувано демонстрираше сериозно брз ракомет, со минимум технички грешки, но неочекувано беше нат трачана од македонска тим.
Непознаница беше норвешки Рунар, барем за пошироката јавност. Со референца на елиминација на главниот фаворит Олимпијакос, на убедлив начин, со +10 на домашен терен во ¼ финалето и со тренер во сериозен ракометен лик како Бјарте Мирхол, Норвежаните влегоа како благи фаворити, не за првиот дуел, но секако за конечниот резултат во двобојот.
И натаму одеше натпреварот во неделата. Рунар со класична 6-0, тимска зона релативно плитка спрема „шутерите“ на Алкалоид, не премногу висока, но густа и цврста, бараше многу вложен труд за секој погодок, иако како олеснителна околност, првиот голман на гостите „не се состави со топка“ во првиот дел од натпреварот. Можеби и очекувано беше Алкалоид да има проблем на поставен напад против скандинавски поставена 6-0 зона, но се снаоѓа(ше) тимот и без Марко Митев, особено што треба да се има во предвид зависноста која изминатиот период се создаде од ракометниот Брус Ли. Симба, Силва и Охриѓанецот Иваноски се тие кои го носат товарот, иако во таква ситуација и “леваците” Мартин х 2 имаат право и можност да трошат топки повеќе од вообичаено. Ако за Симба кажавме тоа што имавме, импресионирани од неговите настапи, во оваа ситуација, како фактор Х во победата на Алкалоид го потенцираме зимското засилување на тимот, Мартин Иваноски, момчето кое од прва лига, „скокна“ директно во огнот каде „се печат“ шампионите. „Силни нозе има малиот, но не знае да тренира“ – ќе речеа на заминување на Мартин од Битола. Лазаров иако врши сериозна тортура на малиот, со забелешки и потврда дека „мора да научи да тренира“, ставајќи го на работ на провалија, за притоа да открие дали дечкото има карактер за големи нешта, сепак е свесен дека Иваноски ги оправда очекувањата и во ситуација кога Митев е вон строј, Алкалоид, добива добар тимски Македонски ракометар, кој може да испрати, да претрча и да реализира. Го покажа тоа Мартин и против Рунар, користејќи ја минутажата квалитетно и во функција на тактичката поставеност.
УПОРНОСТ, ТРПЕНИЕ, БОРБА И ФИЗИЧКА ПОДГОТВЕНОСТ ЗА +5 ПРЕД РЕВАНШОТ
Од друга страна Мирхол имаше проблем со зоната на домаќинот, која флуктуираше од 5-1 со Стојковиќ и Џонов како предни, до 6-0 и назад, но во одредена мера немаше проблем со голманите на Алкалоид, кои долго време не „пипнаа“ топка. Сакајќи да ја спушти зоната на Лазаров, и да му даде можност на Рамбо да решава од девет метри или да решаваат одличните пивоти, на асистенција на бековите, Мирхол посегна по формација 7-6, за која Лазаров долго време немаше решение.
Долго во натпреварот Алкалоид беше во егал или блага негатива, во подредена позиција и немаше решение за нападот на гостите, но беше неверојатно трпелив и упорен, барајќи решение, чекајќи ги Галец и Кизо да “пипнат” топка, да и помогнат на зоната, која беше постојано во -1 играч ситуација, благодариме на формацијата 7-6 на Мирхол. Паралелно со тоа, трчаше рамноправно со скандинавски ривал, чекајќи го моментот кога на 3 и 4 се составија Марко и Тино и кога Галец, конечно спои неколку одбрани во серија, создавајќи солидна разлика, која може многу да значи, а може и буквално ништо да не значи. Видовме од претходно, а знаеме и сме искусиле во минатото, кога гостувале скандинавци и кога сме им гостувале на истите. Во секој случај, уште еднаш се потврди дека Алкалоид е високо тренирана екипа, одлично физички подготвена, тактички трпелива и сериозно уиграна.
АЛКАЛОИД ВО НОРВЕШКА ДА ПРОДОЛЖИ ДА ТРЧА ИЛИ „ТОПКА ПОД ДРЕС“?
Прашањето сега е, дали да се трча во Норвешка или да се „стави топка под дрес“?
Алкалоид има играчи кои можат да „стапнат на топка“, но прашање е дали тоа ќе го дозволат судиите, како на моменти во Автокоманда и дали може тимот, сега, после долго време форсирање брз ракомет со многу погодоци, да „крене рачна“ и да одигра како Металург во времето на Лино.
Едно е сигурно, Лазаров ќе мора да најде решение за формацијата 7-6 на противникот и да се надева на подобар учинок на голманите.
За финалето да го игра во „Борис“, кога веќе полуфиналето се погоди на продолжен викенд. А и Автокоманда, во ситуација кога целта ги оправдува средствата, ја оправда улогата на „добар“ домаќин на Норвежаните. А во финале не чекаа, најверојатно Грците. Се се штима за полн „Борис“ и промоција на нашиот прекрасен спорт.
Честитки за тимот и навиваме за ново финале на Мак ракометот.
БИТОЛА ПОКАЖА ТАЛЕНТ, НА ПОТЕГ Е СИСТЕМОТ КОЈ ТРЕБА ДА „ПРОИЗВЕДЕ“ СЕНИОРСКИ ИГРАЧ
Додека го чекаме пласманот во финалето на Алкалоид во ЕХФ Европскиот куп, кадетите или младинците на Пелистер, со пласман на завршниот турнир во Келн за играчи до 18 години, направија одличен резултат и уште поголема промоција на Битола во ракометна Европа. Секоја чест за Мемиќ и Митревски, за начинот на кој се постигна резултатот, со многу играчи вклучени во ротација, каде секој даде свој придонес и се чувствуваше корисен, а со тоа и преку пренос можеше да се види кохезијата која ја има тимот, нешто што го немаат многу екипи во супер лигата. Ако пред турнирот мислевме дека Пелистер е Алем Хоџиќ и останатите (иако бројките зад Босанецот се импресивни), сега може да констатираме дека Пелистер има два, габаритни, солидно технички потковани голмани за во перспектива, неколку модерни „зналци“ со средна висина на среден и лев бек, кои знаат да бидат досадни 1 на 1 и играат со пивот, десно крило кое утре може да замени на десна позиција со пола супер лига екипи, пивоти кои можат во два правци, кога би биле физички подобро подготвени, лево крило кое треба да се форсира на петка во одбрана итн…
Им посакуваме да бидат квалитетно спроведени низ системот од младинци, преку двојка до прв тим, но по малку плашејќи се од фактот дека од кога знам за себе и за спортот, Македонија ги губи „децата“ на возраст од 17-20 години.
Со надеж дека во меѓувреме нешто се променило.
Честитки уште еднаш за пласманот во Келн, каде фаворитите не поминуваат според планот.
п.с. читам деновиве дека ниту еден играч од тие во Романија, не бил земен во националниот тим, генерација 2006-та. Нека не се потресуваат многу, работа, тренинг, посветеност, фокус, амбиција и ќе си дојде се на свое место. (Не)учеството во младинските селекции, во однос на сениорскиот национален тим и ракомет не значи апсолутно ништо!
Горан Ѓоргоноски
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете