За поздравување е иницијативата на Советот за превенција при Општина Битола, кој претстави мерки за подобрување на јавната безбедност и ред, како и за засилено патролирање и контролирање на јавниот ред и мир во пресрет на претстојните матурски и полуматурски прослави. И од страна на МВР информираа дека Одделот за превенција спроведува континуирани активности, кои ќе ги синхронизира со другите локални институции, со цел превентивно и однапред да се дејствува и да се издигне свеста кај граѓаните за да не се предизвикуваат несакани последици

Битола

Советот за превенција при Општина Битола одржа состанок на кој се разгледуваа неколку важни теми. Ситуацијата со деца малолетници во локали во ноќните часови, проблемот со деца под дејство на алкохол и обезбедувањето безбедност на подрачјето на општината Битола во пресрет на одржувањето на претстојните матурски и полуматурски прослави беа разгледувани како една точка на која беа презентирани моменталните состојби и беа претставени мерки за подобрување на јавната безбедност и ред, како и засилено патролирање и контролирање на јавниот ред и мир. Од страна на МВР информираа дека Одделот за превенција спроведува континуирани активности, со цел превентивно и однапред да се дејствува и да се издигне свеста кај граѓаните и да не се предизвикуваат несакани последици.
Градоначалникот Коњановски замоли за зголемено присуство на МВР на терен со цел зголемување на безбедноста.
Од страна на МВР и Центарот за социјална работа беше нагласено дека родителите треба да бидат поотворени за соработка и да се организираат едукативни собири, со цел родителите да бидат активно вклучени во активностите за спречување на консумирањето алкохол и управувањето со мотори и автомобили.
МВР информираше дека, во согласност со доставениот список од сите организирани матурски прослави, на терен ќе има присуство на униформирани лица, а до родителите апелираа да не им се дозволи на матурантите да управуваат со автомобили. О.Р.