Манастирскиот комплекс Трескавец е капитален проект на Министерството за култура и туризам. Завршени се конаците и вратено е монашкото братство во овој манастирски комплекс, за што досега од буџетот се издвоени 124 милиони денари. Неговата заштита ќе продолжи и со конзервација на фрескоживописот, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој беше во посета на манастирскиот комплекс и во Прилеп.
– Оваа и следните години ќе посветиме внимание на конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, заштитено културно наследство. Обезбедени се четири милиони денари оваа година. Проектот е во завршна фаза и годинава почнуваме – рече министерот Љутков, потенцирајќи дека се прави сѐ што е потребно за културна презентација на објектот.
Од Заводот и музеј Прилеп посочија дека е завршен проектот за конструктивна консолидација и отстранување на влагата како и реконструкција на подот.
– Тоа е фазен проект и е дел од поголемиот проект за конзервација на архитектурата и живописот на црквата Успение на Богородица. За кусо време треба да ги добиеме дозволите за реализација на поставување на затеги, превенирање на живописот, потоа ќе пристапи кон отстранување на тампонот и да се комплетира долниот дел. За проектот согласно проектната документација ќе се поставуваат дополнителни заштити, според конзерваторската практика. На јужниот брод има најголемо загрозување – вели архитектот конзерватор Илија Ристески.
Министерот Љутков ја посети и црквата „Св. Благовештение“ или познатата стара црква, заштитено културно наследство и културен белег во Прилеп, за чие санирање на состојбите на иконостасот беа одделени најмногу средства во оваа година.
– Ќе се зацврстува иконостасот, треба да се изврши тонирање, и на отпаднати делови да се изврши конзервација и реставрација. Останува да се средат и иконите, како движно наследство, кои ќе се конзервираат – изјави Мимоза Христоска, директор на прилепскиот Завод и музеј. За овој проект се одделени над два милиони денари.
И локалитетот Стибера ќе се доистражува со цел презентирање како значајна туристичка атракција во овој дел на Македонија. Со ова практично Министерството за култура и туризам активно работи на уредување и чистење на локалитетот во функција на развој на културниот туризам во овој крај на Македонија, за што се одделени 600 илјади денари.
Министерот за култура Зоран Љутков, во рамките на посетата на Прилеп, оствари работна средба со директорката на НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп, Марија Попова Јованоска, при што, посочи дека неработењето во изминатите години ги затворило салите од ЦК „Марко Цепенков”, при тоа изјавувајќи дека сите нерегуларности ќе се остранат и Центарот за култура ќе се стави повторно во функција.
Ка.М.