Фото:Принтскрин

Сојузот на синдикати на Македонија денеска треба да се изјасни за следните чекори што ќе ги преземе во однос на минималната плата откако во вторникот Владата ја усвои информацијата дека минималната плата ќе се зголеми за 1.800 денари во нето износ согласно законски утврдените критериуми. Се очекува седница да одржи Претседателството на синдикатот на која ќе се разговара за натамошните чекори.

Според ССМ, одлуката на Владата не е законска затоа што согласно член 4 став 5 од Законот за минимална плата, министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ. Како што посочуваат од синдикатот, ова не е испочитувано, односно не е одржана седница на ЕСС.

Економско-социјалниот совет се очекуваше да одржи седница во текот на овој месец, но претходно треба да заседава Комисијата за репрезентативност која треба да ја утврди репрезентативноста на ССМ која пак е истечена минатата година. Досега ваква седница на Комисијата за репрезентативност не се одржа, а се очекува тоа да се случи денеска. Во Комисијата учествуваат претставници од трите социјални партнери.

Од синдикатот нагласуваат дека од 2012 година првпат се случува да се носи одлука за минималната плата без консултација на сите социјални партнери во трипартитниот совет.

– Првпат Владата сама си донесе одлука откога е воведена минималната плата во 2012 година и за неа одлучи без работниците. Имавме парола пред неколку години на 1 Мај дека не смее да се одлучува без работнциите, а, Владата, за жал, на седница си донесе износ на минималната плата од 1 800 денари, без да се разговара на Економско-социјалниот совет, без да одлучат и работниците и работодавачите и Владата. Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата. Ги знаете нашите барања и од нив не отстапуваме- изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски во средата.

Од Владата велат дека одлуката е легитимна и согласно закон, а износот е утврден согласно критериумите во Законот за минимална плата.

– Како Влада имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој треба да почне да се спроведува наредниот месец. Има доволно време за институциите да го пресметаат покачувањето на минималната плата, кое законски изнесува 2200 денари- истакна заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на прес-конференција во средата.

Како што посочи, висината на минималната плата е одредена согласно податоците од Државниот завод за статистика, за што како основа се зема 50-проценти од просечната плата исплатена минатата година и 50-проценти од индексот на трошоци односно инфлацијата за претходната година.

Предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија е минималната плата да се зголеми за 6.000 денари имајќи го предвид растот на трошоците на живот, а придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата во траење од една година. И  Европската конфедерација на синдикати чии претставници на 14 март беа во Скопје застанаа зад барањето на ССМ посочувајќи дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот.