Фото: Пиксабеј

Семејна психологија

Наместо да нѐ инспирираат, новогодишните одлуки честопати дејствуваат како казна – наместо да нѐ мотивираат, тие нѐ исцрпуваат. Затоа е подобро да заборавите на класичните новогодишни одлуки и да размислите за нешто друго – намери за подобрување на вашиот живот. За разлика од одлуките, кои личат на строг непишан договор со себе, кога размислувате за намерите, се фокусирате на целта и на значењето. Одлуките обично нè упатуваат на крајна цел – „сакам да изгубам тежина“ или „да се откажам од пушењето“, а намерите се дефинираат повеќе во однос на процесот „како сакам да го живеам животот“. Намерите не се потпираат на календар и не бараат совршен почеток. Наместо „треба да ослабам 10 килограми до лето“, намерата би можела да биде „сакам подобро да се грижам за моето здравје“. Промената звучи суптилно, но важно е да престане притисокот за постигнување совршенство.
Намерите може да се однесуваат и на самиот процес на поставување цели. На пример „ќе најдам момент во денот да размислувам за себе и за поздрав живот“. Ако сакате покреативен и визуелен пристап, размислете за создавање мапа на желби. Тоа е флексибилен начин да останете поврзани со вашите цели. Направете табла исполнета со слики, зборови и симболи што го одразуваат животот што сакате да го изградите. Уште поважно, мапата на желби може да се развива во текот на една година. На пример, ако имате слика од дестинација на која сакате да патувате, заменете ја со фотографија од вашето патување кога ќе го остварите. Овој процес ве потсетува на вашите достигнувања и ве инспирира да продолжите. Визуализацијата е моќна алатка што ќе ве мотивира да останете на вистинскиот пат, без притисок од ригидни одлуки.
Една од главните причини зошто одлуките брзо пропаѓаат е тоа што бараат премногу промени одеднаш. Наместо да се преоптоварувате со големи цели, размислете за техниката на постепено воведување нови навики. Ако целта ви е да ослабите, не мора веднаш да започнувате интензивни тренинзи шест пати неделно. Започнете со 10-минутни тренинзи неколкупати неделно и постепено зголемувајте ги времето и интензитетот. Таквата стратегија ви овозможува да продолжите напред без да се чувствувате фрустрирано кога нештата не одат совршено. Овој метод е како редење мали тули – секоја од нив придонесува за поголема целина, а вие имате можност да изградите стабилна и долготрајна основа.