Агресијата на НАТО против тогашна Сојузна Република Југославија започна на 24 март 1999 година, во вечерните часови, без одобрение на Советот за безбедност на Обединетите нации. Според официјалните информации на српското Министерство за одбрана, во текот на 78-те дена агресија загинале 1.031 припадник на армијата и полицијата и околу 2.500 цивили, меѓу кои 89 деца. Повредени биле околу 6.000 цивили, меѓу кои 2.700 деца, како и 5.173 војници и полицајци, а 25 лица се водат како исчезнати
Деновиве Србија потсетува на воената агресија на НАТО од пред 26 години
Во светската јавност беше пласирана причина за нападот на НАТО: Хуманитарната криза на Косово. Извршната наредба за нападот ја дал тогашниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана, и тоа како наредба кон американскиот генерал Весли Кларк. Директен и непосреден повод за нападот беше неуспехот на мировните преговори одржани во Рамбује и Париз, како и настаните во Рачак на 15 јануари. Така, откако парламентот во Белград потврди дека не ја прифаќа одлуката за странски војници на своја територија, со предлогот ОН да го надгледуваат мировното решение на Косово, НАТО почна со воздушни напади.
Во првиот налет биле погодени повеќе од 20 објекти
Според првото соопштение на Генералштабот на Југословенската армија, на 24 март околу 20 часот и 45 минути во првиот налет биле погодени повеќе од 20 објекти. Првите проектили паднале врз касарната во Прокупље во 19 часот и 53 минути. Потоа следуваше напад на Приштина, Куршумлија, Батајница и Стражевица. НАТО започна со бомбардирање од бродови во Јадранот, како и од четири воздушни бази во Италија.
За време на 11-те недели агресија, речиси и да немаше град во Србија што не беше цел. НАТО изврши 2.300 напади и фрли 22.000 тони проектили, вклучително и 37.000 забранети касетни бомби и оние наполнети со збогатен ураниум. Според наодите на официјалните институции, до 10 јуни се регистрирани 18.168 прелети на авиони.
Според извори од НАТО, имало 38.004 лета, од кои 10.484 огнени дејствија, додека другите биле извидувачки, АВАКС и слично. Отпрвин, дневно во операциите учествуваа околу 70 борбени авиони, а подоцна се зголемија на околу 400 дневно.
Покрај нападите од бродови во Јадранот, како и од четири воздушни бази во Италија, операции беа извршени и од бази во западноевропските земји и САД. Уништен е голем дел од инфраструктурата на земјата, вклучувајќи комерцијални објекти, училишта, здравствени установи, медиуми, културни споменици, цркви и манастири.
Една третина од електроенергетскиот капацитет уништен и значајно оштетени 50 отсто од производствениот капацитет
Сѐ заедно, се проценува дека се оштетени околу 50 отсто од производствениот капацитет на Србија. Уништени или оштетени се околу 25.000 станбени објекти, онеспособени се 470 километри патишта и 595 километри железница. Оштетени се 14 аеродроми, 19 болници, 20 здравствени дома, 18 детски градинки, 69 училишта, 176 споменици на културата и 44 моста, а уништени се 38.
Уништена е една третина од електроенергетскиот капацитет на земјата. Беа бомбардирани рафинериите во Панчево и Нови Сад, што имаше несогледливи еколошки последици. НАТО употреби, наводно за првпат, таканаречени графитни бомби за да го оневозможи електроенергетскиот систем. Кинеската амбасада во Белград беше уништена на 7 мај 1999 година. Зградата на РТС во Белград беше уништена на 23 април. Загинаа 16 лица, а исто толку беа повредени. Зградата на Новосадската телевизија беше уништена на 3 мај 1999 година, на Меѓународниот ден на слободата на медиумите.
Изнесени се различни податоци за причинетата материјална штета при агресијата на НАТО. Тогашните власти во Белград ја процениле штетата на приближно сто милијарди долари, а групата економисти на Г17 ја процениле тогашната штета на 29,6 милијарди долари. НАТО негираше дека има загуби, а од Белград пристигнаа тврдења дека се соборени десетици авиони.
Планови за воениот напад постоеле една деценија однапред
Според повеќе анализи и разузнавачки информации протечени во јавноста, нападот на НАТО, поради Косово, бил планиран речиси една деценија порано, всушност од самиот почеток на кризата во поранешна Југославија, а активно се подготвувала во текот на 1998 година.
Во својата книга „Модерно војување“, Весли Кларк не го криел фактот дека „планирањето на НАТО-агресијата против СРЈ до средината на јуни 1998 година беше во тек“. Одлуката за усвојување на наредбата за активирање сили ја донесе Советот на НАТО на 12 октомври 1998 година. Следниот ден Слободан Милошевиќ потпиша договор со Ричард Холбрук, при што се планирало намалување на бројот на воениот персонал на територијата на Косово. Било договорено и набљудувачите на ОБСЕ да го следат мировниот процес на Косово. Утврдено е дека никој не може да одговара за кривични дела поврзани со настаните на Косово. Но без разлика на тој договор, по состанокот на Советот на НАТО на 30 јануари 1999 година, официјално беше објавено дека НАТО е подготвено да изврши удари против СРЈ. На самата агресија ѝ претходеше дополнително распоредување трупи на НАТО во Албанија и во Македонија. Р.С.
Како се заврши 78-дневната воена кампања на НАТО?
За потсетување, тогашниот британски премиер Тони Блер во врска со нападите на НАТО изјави дека агресијата на НАТО е спроведена затоа што ја побарал „народот на Косово“, со што, како што отворено кажа, мислел на Албанците. На 27 мај 1999 година, во екот на агресијата против СРЈ, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија објави обвинение и издаде налог за апсење на Слободан Милошевиќ, Милан Милутиновиќ, Никола Шаиновиќ, Драгољуб Ојданиќ и на Влајко Стоиљковиќ за наводни злосторства на Косово.
Прекинот на агресијата на НАТО дојде по потпишувањето на Воено-техничкиот договор кај Куманово на 9 јуни 1999 година. Три дена по потпишувањето на Воено-техничкиот договор кај Куманово на 9 јуни 1999 година започна повлекувањето на силите на Србија и СРЈ од Косово. Договорот предвидуваше формирање мисија на Обединетите нации, УНМИК. Хавиер Солана, тогашниот генерален секретар на НАТО, издаде наредба на 10 јуни 1999 година да се запре бомбардирањето. Последните проектили паднале на 10 јуни во атарот на селото Кололеч, кај Косовска Каменица, во 13 часот и 30 минути, а на касарната во Урошевац околу 19 часот и 35 минути. Тоа беше 79-от ден од агресијата на НАТО против Србија, поточно Сојузна Република Југославија. Советот за безбедност на ОН потоа ја усвои резолуцијата 1244. Впрочем, 37.200 војници беа испратени во Косово како дел од мисијата КФОР. Сето тоа заврши со едностраното прогласување независност на Косово на 17 февруари 2008 година и координираното признавање на Косово како независна држава од страна на земјите што учествуваа во агресијата во 1999 година.