Изјавите на добар дел од европските челници одат во насока на брз прием на Украина во ЕУ, а најавите на дел од земјите во ЕУ се дека ако оди Украина, тогаш во истиот пакет треба да оди и целиот Западен Балкан
Во подготовка нови и примамливи понуди на Брисел за брза интеграција во ЕУ
Последните преговори за наоѓање мировно решение за руско-украинскиот конфликт што се одржаа во Саудиска Арабија влеваат надеж дека мирот е на повидок, но во исто време се поставува прашањето за идните перспективи на Украина.
Она што веќе на украинскиот државен врв му е повеќе од јасно е дека членството во НАТО е неостварлива мисија, така што сега сета енергија се насочува кон полноправно членство во Европската Унија.
На иста линија се и водечките европски челници, кои веќе најавуваат брзо пристапување на Украина во ЕУ, дури и пред земјите од Западен Балкан.
Сепак, дел од земјите членки на ЕУ се противат на ваквата идеја на официјален Брисел бидејќи сметаат дека тоа би значело нож во грб за земјите од Западен Балкан, кои реално се многу понапред во исполнувањето на критериумите за разлика од Украина, а ново разочарување дефинитивно ќе го отвори патот за инволвирање трети страни во регионот.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто јасно порача дека влезот на Украина во Европската Унија пред земјите од Западен Балкан не доаѓа предвид.
– Иако Европската Унија врши силен притисок Украина да се приклучи пред земјите од Западен Балкан, такво сценарио не доаѓа предвид – рече Сијарто во Будимпешта за време на неодамнешната заедничката прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, пренесе МТИ.
Според Сијарто, влезот на земјите од Западен Балкан би бил полезен за ЕУ, додека членството на Украина би го уништило функционирањето на Унијата од економска и безбедносна перспектива.
– Друга причина е тоа што никој не мисли дека Украина денес е поподготвена за ЕУ од која било друга земја од Западен Балкан… Тоа е сосема бесмислено. Ако земјите од Западен Балкан се во подобра ситуација, не разбирам зошто треба да чекаат. Унгарците ќе го кажат својот збор за ова на референдум – порача Сијарто.
Тој потсети на случајот со Македонија како вистински пример за двојните стандарди на Европската Унија, имајќи предвид дека земјата е кандидат за членство во ЕУ веќе 20 години, додека поединечни влади на членки на ЕУ постојано го блокираат процесот на интеграција.
Сепак, изјавите на добар дел од европските челници одат во насока на брз прием на Украина во ЕУ, а најавите на дел од земјите во ЕУ се дека ако оди Украина, тогаш во истиот пакет треба да оди и целиот Западен Балкан.
– Има некои земји во рамките на ЕУ што би можеле да го блокираат приемот на Украина, пред сѐ Унгарија, Словачка, но и некои други земји, но од друга страна сите ќе дадат поддршка ако во истиот пакет со Украина влезат и земјите од Западен Балкан. Тоа значи со едно гласање да бидат примени сите земји и на тој начин да се заокружи процесот на европското проширување. Сигналите одат во таа насока, а појасна слика ќе се добие откако најпрво ќе се постигне мир и ќе се стави конечен крај на војната во Украина. Сепак, постојат и други примамливи услови со чие исполнување би се „динамизирал интегративниот процес“. Имено, „отворање бегалски кампови“ (нешто слично како во Албанија) е една од темите на британско-француските разговори, преку кои брегзитираните му сугерираат на Париз и Брисел, за еден од новите попатни услови за олеснување на интеграциите на земјите од Западен Балкан – објаснуваат познавачите. С.Т.