„Светот што го избрав“ на Калина Малеска е Роман на годината
Романот „Светот што го избрав“ на писателката Калина Малеска во издание на „Или-или“ е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, која ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“. Наградата „Роман на годината“ се доделува по 26. пат, а во најтесниот избор за наградата годинава влегоа трите романи „Простување“ од Кица Колбе, „Светот што го избрав“ од Калина Малеска и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски. „Светот што го избрав“ е издание на „Или-или“. Романот ја раскажува приказната за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот…
– „Светот што го избрав“ е роман што апсолутно го заслужува називот „Роман на годината“ за 2024 година затоа што е извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик, кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена ги напушта сопругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи во чија комисија хонорарно соработува и Леона. Автентично истражен и стилски избрусен, ликот на Леона е лик на жена што својата ранливост, самотија, нагла осиромашеност и длабока неизвесност во патријархалното опкружување, храбро и достоинствено ги преобразува во нова можност и решеност да избере, да се избере себеси, но и она и оние што ќе ги сака и чувствува за свои.
Нејзиниот идентитет се преобразува со силата на нејзиниот интегритет што претставува и интроспекциски процес на самоосвестување и рехабилитирање во сопственото постоење, но и надежно заедничарење со новите познајници и животни околности во кои се нашла. Овој роман е толку потребна книжевна согледба за ранливоста и моќта на човековата микрокосмичка положба во макрокосмосот на системот, без разлика дали станува збор за семејство, за самост или за општество. „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере. Во таа смисла романот на годината би требало да го има во секој дом, во секоја лична библиотека, но и во секоја безбедна соба, институција и катче каде што човек прибегнува по помош или совет како да се продолжи понатаму кога се чини дека тоа е невозможно. Одлично напишан, со длабока човечка порака, „Светот што го избрав“ на Калина Малеска е вистински избор за „Роман на годината – стои во образложението на комисијата.
На годинашниот конкурс, кој се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 43 романи. Комисијата беше во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на фондацијата).
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од фондацијата „Славко Јаневски“.