Фото: ФФМ

Од македонските спортисти, тренери и спортски работници во Македонија или во други држави, но и од странски спортисти и клубови, продолжува поддршката по трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 луѓе, а повеќе од 150 се повредени

Продолжува поддршката од македонски спортисти, тренери и спортски работници што живеат или се натпреваруваат во Македонија или во други држави, но и од странски спортисти, активни и поранешни, како и спортски клубови, кои на тој начин сакаат да помогнат по трагедијата што ја погоди Македонија. Во пожарот што изби во дискотека во Кочани во неделата наутро загинаа 59 луѓе, а повеќе од 150 се повредени.
Македонските иселеници во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс се солидаризираа со семејствата на настраданите во големата несреќа што ги погоди Кочани и Македонија.
Клубовите на иселениците во Сиднеј и во другите градови во Австралија упатија повик до сите хумани луѓе в сабота во што поголем број да присуствуваат на фудбалскиот натпревар што македонскиот клуб Рокдејл Илинден ќе го игра со Блектаун сити.
Предвидено е сите средства од продадените влезници за тој натпревар, како и од донациите што ќе бидат собрани по завршувањето на средбата, да бидат наменети за помош на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани во неделата. Натпреварот в сабота во Сиднеј ќе се игра во рамките на редовното, седмо коло, во првенството на фудбалската Премиер-лига на Нов Јужен Велс.
Страшната трагедија во Кочани во која животите ги загубија 59 лица, а над 150 се на лекување во повеќе европски држави и понатаму ја обединува Македонија. За помош за семејствата чии најблиски се испратени на лекување во Австрија се јави и фудбалерот на австриски ЛАСК од Линц, Методи Максимов. Тој испратил порака преку Инстаграм со информации и понуда да помогне со каква било помош.
– За фамилиите на повредените кои ќе се лекуваат во Линц и во Виена, ако им е потребно сместување или каква било помош, нека ме контактираат – напиша Максимов.
Фудбалерот на Данди јунајтед, Кристијан Трапановски, постигнатиот гол за својот клуб на градското дерби со Данди во фудбалското првенство на Шкотска емотивно го прослави посветувајќи го на жртвите на големата трагедија во неговата Македонија. Откако ја затресе противничката мрежа, македонскиот фудбалски интернационалец Трапановски емотивно падна на колена, погледнувајќи кон небото и изговарајќи молитва наменета за жртвите во Македонија.
По трагедијата во Кочани македонскиот легендарен фудбалер Дарко Панчев предложи српската репрезентација и Црвена звезда да го посетат Скопје и да одиграат натпревари во хуманитарни цели. Српскиот селектор Драган Стојковиќ ја предложи идејата на Панчев неодамна на прес-конференција во Стара Пазова пред почетокот на подготовките на репрезентацијата на Србија за мечевите во Лигата на нациите. Генералниот директор на белградска Црвена звезда, Звездан Терзиќ, и извршниот директор на скопски Вардар, Миленко Неделковски, се договорија двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар на 16 април на арената „Тодор Проески“ во Скопје, а сите средства собрани од продадените влезници и од спонзори ќе бидат наменети за семејствата на настраданите во Кочани.

Фондацијата „Национали 94“ од Бугарија, составена од фудбалските легенди што настапија на Светското првенство (СП) во 1994 година, во САД, а на чие чело е поранешниот освојувач на „златната топка“, Христо Стоичков, исто така, изрази сочувство до семејствата на загинатите во кочанската трагедија.
– Трагедијата не избира ниту датум ниту време. По неа останаа само солзи и неизлечива болка. Ние од фондацијата „Национали 94“ сакаме да изразиме најискрено сочувство до семејствата на загинатите во Кочани. Фудбалот сите нас нѐ спријатели со луѓето од Македонија. И сега е најважниот момент да им дадеме поддршка. Се молиме за повредените. Бог да биде со нив – се вели во соопштението.
Во периодот што следува се најавени и финансиска помош и донација за погодените семејства во трагедијата.
Навивачката група на македонскиот кошаркарски прволигаш МЗТ Скопје, „Фемили Аеродром“, својата солидарност и поддршка за настраданите ги изразија со палење 59 свеќи, преку кои симболично ги искажаа тагата, поддршката за преживеаните, но и револтот кон големата трагедија што се случи во дискотеката во Кочани.
– Непребол. Македонија тагува. Загубивме 59 животи, 59 семејства останаа завиени во црно. Часови одминуваат, но болката и револтот не поминуваат. Со 59 свеќи искажуваме сочувство на блиските на загинатите и им даваме поддршка на оние што уште се борат. Почивајте во мир – напишаа навивачите на МЗТ Скопје.
Во Ефорие Норд, во Романија, третото коло на поединечното Европско првенство во шах, на кое настапуваат 375 шахисти од 40 држави, почна со една минута молчење, со што им се оддаде почит на настраданите во трагичниот настан во Кочани во неделата.
Македонската фудбалска репрезентација тивко ги продолжува подготовките во Скопје за натпреварот в сабота, на гости, кај селекцијата на Лихтенштајн, во првото коло на европскиот квалификациски циклус за пласман на Светското првенство (СП) што в година треба да се игра во САД, Мексико и во Канада.
– Обединети во тагата. Со срце исполнето со болка и спомен ја споделуваме тагата со семејствата и блиските на настраданите. Нивниот светол дух ќе живее во нас. Нека почиваат во мир. Македонска А-репрезентација – пишува на фејсбук-страницата на македонската фудбалска репрезентација.
Фудбалската репрезентација на Македонија и ракометниот клуб Алкалоид, кој во Европскиот куп во четврт-финалето ќе се сретне со романскиот клуб Баја Маре, се единствените што ќе одиграат натпревари што се закажани во овој период на меѓународната сцена. Фудбалерите в сабота во Вадуц ќе гостуваат кај репрезентацијата на Лихтенштајн, а ракометарите, исто така, на гостински терен, ќе играат в недела. Г.И.