Во Пекинг се одржа трилатерална средба за иранското нуклеарно прашање

„Нуклеарни предизвици“ и на Блискиот Исток

Вчера се одржа трилатерален состанок помеѓу Кина, Русија и Иран за иранското нуклеарно прашање. Средбата се одржа во Пекинг и со неа претседаваше кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаоксу. Втората страна ја претставуваше рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, додека во името на Иран присуствуваше заменик-министерот за надворешни работи Казем Гарибабади.
Трите страни разменија мислења за иранското нуклеарно прашање и за други прашања од заеднички интерес. На средбата беше пренесен ставот на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој порача од името на Иран дека „Техеран нема да биде принуден на преговори“. Овој одговор, пренесен на трилатералната средба во Пекинг, следуваше откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека испратил писмо во кое го поканил Иран да се вклучи во разговори за нов нуклеарен договор. Писмото, кое не е јавно објавено и за кое Техеран тврди дека не го добил, дојде во време кога Трамп најави кампања за „максимален притисок“ што ја нагласува можноста за воена акција, нагласувајќи дека сè уште верува дека може да се постигне нов договор.

Иран тврди дека нуклеарната програма е за цивилни, а не за воени потреби

Иран инсистира дека неговата нуклеарна програма е за цивилни, а не за воени потреби. Но во јавноста излегуваат и информации дека тие „се закануваат со потенцијално нуклеарно оружје“ (изјава на ирански пратеник за која „Нова Македонија“ деновиве пишуваше).
Иран сега збогатува ураниум до ниво блиску до она што е потребно за оружје и сега е околу 60 отсто. Неодамнешниот извештај на нуклеарната агенција МААЕ предупредува дека развојот на нуклеарно оружје на Иран брзо се забрзува.
Според првичниот нуклеарен договор од 2015 година, на Иран му беше дозволено да збогатува ураниум само до 3,67 отсто чистота и да одржува резерви од 300 килограми ураниум. Во последниот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија за иранската програма се процени дека резервите на 8.294 килограми со фракција се до 60 отсто чистота. Иако Иран тврди дека нема да преговара под принуда, неговата економија е сериозно ослабена од американските санкции. Кина сѐ повеќе се обидува да се вклучи во односите на Блискиот Исток и во текот на изминатите две години беше домаќин на неколку разговори, кои доведоа до целосно обновување на дипломатските врски меѓу Саудиска Арабија и Иран. Р.С.