Фото: Пиксабеј

Истражувачите од Федералниот институт за технологија во Цирих развија модел за откривање стрес кај луѓето врз основа на начинот на кој тие ги користат компјутерскиот глушец и тастатурата. Истражувачите што стојат зад овој модел велат дека сознанијата може да помогнат да се спречи стресот на работното место.
– Се чини дека начинот на кој пишуваме на тастатурата и начинот на кој го користиме глувчето е подобар показател за тоа колку сме под стрес во канцелариско опкружување отколку нашиот пулс – вели авторката на студијата Мара Негелин.
Луѓето што се под стрес го движат курсорот на глувчето почесто и понепрецизно, покажа истражувањето. Тие исто така прават повеќе грешки при пишување. Истражувачите од институтот го анализирале однесувањето на 90 учесници во студијата во лабораторијата, кои извршувале канцелариски задачи како што се закажување состаноци или снимање и анализа на податоци. Тие го снимиле нивното однесување, односно ракување со глувчето и пишување на тастатура, како и отчукувањата на срцето. Истражувачите, исто така, неколкупати во текот на експериментот ги прашале учесниците дали се под стрес и со кој интензитет.
Истражувачите моментално го тестираат нивниот модел со споредување на податоците што ги добиле со податоците од швајцарските вработени што се согласиле да се снима нивното користење на глувчето и тастатурата, како и податоците за отчукувањата на срцето додека се на работното место со помош на апликација. Користејќи ја истата апликација, вработените редовно се прашуваат за нивните субјективни нивоа на стрес. Резултатите треба да бидат достапни до крајот на годината, според истражувачите од Цирих. Но, исто така, се вели дека откривањето на стресот на работното место може да отвори и некои проблематични и важни прашања.