Фото: ЕПА

Симптомите на зависност од компјутерски игри, според експертите, вклучуваат „давање приоритет на компјутерските игри на штета на другите аспекти од животот“!

Зависноста од компјутерски игри е класифицирана како болест од Светската здравствена организација (СЗО)

Светската здравствена организација (СЗО) ја класифицира зависноста од видеоигри како – болест. Тоа е еден значаен показател дека лекарите, особено специјалистите за ментално здравје низ светот, сè повеќе ја препознаваат оваа состојба како „нарушување на здравствената состојба кај луѓето“.
Јавноста треба да биде запознаена со информацијата дека „зависноста од игри е вклучена во 11-то издание на Меѓународната класификација на болести на СЗО“. Иако Американската психијатриска асоцијација сѐ уште смета дека „нема доволно истражување за состојбата за да се класифицира зависноста како болест“, сепак, според номенклатурата на Меѓународната класификација на болестите, која се користи во светот за идентификување и класификација на болестите, зависноста од компјутерски игри „треба да се смета за болест доколку негативните последици траат повеќе од една година“!

Опасност од нешто што почнува да презема или да доминира во
нечиј живот

Најџел Хендерсон, претседател на организацијата за ментално здравје „Ментално здравје Европа“, изјави за јавноста дека симптомите што ја дефинираат зависноста од игри како ризик за менталното здравје може да се прошират на сè што почнува да презема или да доминира во нечиј живот.
Хендерсон нагласи дека третманот треба да се фокусира на причините за таквата зависност, а не само на симптомите.
– Често причините ќе бидат многу посложени отколку само за личноста што сака да игра вакви компјутерски игри. Тоа веројатно ќе се заснова на губење контрола во другите аспекти на животот или општо чувство на безнадежност на личноста што бара бегство во светот на игрите – изјави алармантно Најџел Хендерсон, претседател на организацијата за психичко здравје „Ментално здравје Европа“.
Причините, рече тој, може да бидат недостиг од поддршка на семејството, недостиг од вработување или образовни перспективи, семејно растројство, недостиг од социјални врски или пријатели, за што може да биде замена онлајн заедницата на гејмери.
– Генерално, причините за ова можат да бидат слични на оние во случајот на коцкање, зависност од алкохол и дрога.
Гледањето на секој човек и неговите индивидуални околности, а не само општите симптоми, е од суштинско значење за лекување на зависноста од игри, како што е тоа за другите ментални болести – рече Хендерсон.

Помалку да се третираат симптомите, тие се за препознавање, а повеќе да се
бараат причините на проблемот

– Организацијата „Ментално здравје Европа“ секогаш е претпазлива кога зборува за дијагнози бидејќи тие може да имплицираат етикетирање. Но човекот не е дијагноза – рече претседателот на организацијата.
Хендерсон нагласува дека е важно прво да се бара причината за проблемот, наместо да се обидуваме да ги третираме „симптомите“.
– Ние не сме против дијагностички прирачници, навистина знаеме дека тие можат да бидат многу корисни за лекарите и тие се важни во помагањето на земјите да развијат одговорни здравствени системи.
Сепак, треба да ги правиме и да ги користиме со претпазливост – смета Хендерсон.

Симптоми, препознавање

Според дефиницијата на СЗО, симптомите се идентификуваат со постојано играње дигитални игри или навраќање на такво однесување манифестирано преку „нарушена контрола на играњето, зголемен приоритет што му се дава на играњето наспроти другите интереси во животот и дневните активности, продолжување или ескалација на играњето наспроти појава на негативни последици“.
За издвојување е дека СЗО го дефинира рискантното (или хазардерско) играње компјутерски игри како „шема на играње, било онлајн или офлајн, која забележително го зголемува ризикот од штетни последици по физичкото или менталното здравје на индивидуата или лицата од нејзината околина“.

Се појавуваат сѐ повеќе програми за одвикнување, кампови или
други идеи за помош

Британската експертка за социјални медиуми Силвија Коршак го поздрави додавањето на овие појави на листата од СЗО како „храбар потег што ќе им помогне и на медицинските професионалци што се занимаваат со превенција и лекување зависности“, а ќе поттикне и поширока јавна дебата за овие прашања.
– Играњето компјутерски игри не е баш табу-тема, но мислењата за тоа се поделени. Се појавуваат сѐ повеќе програми за одвикнување, кампови или други идеи за помош, просечните родители или брачни партнери имаат реален проблем при соочувањето, бидејќи и онлајн и мејнстрим-медиумите нѐ заплашуваат, па дури и нѐ преплашуваат, без да посочат практични решенија – пишува британската експертка за социјални медиуми Силвија Коршак.

Резултати од двегодишно истражување за играње компјутерски игри кај детската и младата популација

Меѓународен тим истражувачи испитувале околу 3.000 ученици од основни и средни училишта во текот на две години и утврдиле дека најголеми проблеми имаат оние што најмногу време играле игри на компјутер. Студијата покажа дека на децата што влегле во т.н. патолошко играње им се зголемува нивото на депресивност, нервоза и социјална фобија. Кога престанале да играат, овие симптоми се намалиле. Истражувачите во студијата ги нарекле „патолошки играчи“ оние деца што биле зависни од игри. Таа група на испитаници играла видеоигри околу 31 час неделно во споредба со другите, кои играле 19 часа неделно. Кога две групи биле споредени, студијата покажала дека првата група деца биле поимпулсивни и имале послаба комуникација со врсниците бидејќи трошеле време на видеоигри. Во студијата има оптимистички заклучоци кога се констатира дека „одвикнувањето од игрите ги намалува и симптомите“! Р.С.


Во Јужна Кореја одамна функционира специјална болница
за третман на зависност од видеоигри

Во Јужна Кореја, каде што зависноста од интернет стана голем проблем, првата болница за зависност од интернет и видеоигри беше отворена уште во 2011 година.
„Сејв брејн хоспитал“ е предводена од д-р Ли Џ. Вон, кој претходно објасни дека третманот започнува со скенирање на мозокот на пациентот, ставајќи околу десетина електроди на него, за да се види колку одредени области отстапуваат од нормалното функционирање, пренесоа француските медиуми.
Откако ќе се постави дијагноза, на пациентите им се даваат антидепресиви и им се пропишува терапија за корекција на мозочната дисфункција, врз основа на третманот на нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание.
Ли смета дека постојат два типа „веб-зависници“ – оние што се повлечени, кои повеќе ја претпочитаат виртуелната анонимност пред реалноста и оние што ги привлекуваат насилството и илузијата за моќ на „интернет“.
Симптомите на зависност од компјутерски игри вклучуваат давање приоритет на игрите на штета на другите аспекти од животот, како што се семејните и социјалните односи, јадењето, спиењето, школувањето или работата. Оваа болест најмногу ги погодува младите мажи, кои почесто од жените играат компјутерски игри.
Имено, зависноста од игри често може да биде последица на други проблеми – па експертите советуваат да пристапите кон оваа дијагноза со претпазливост. Р.С.