Комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2024 година што ја доделува фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на фондацијата), селектираше осум романи што ја продолжуваат трката. Како што соопштуваат од жирито на годинашниот конкурс пристигнале 43 романи, во првата селекција се одбрани 20 наслови, а сега на списокот остануваат уште осум романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура и се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, која годинава ќе се одржи на 14 март.
Во втората селекција се романите: „Ветрилиште“, Игор Анѓелков, „Или-или“; „Тони“, Румена Бужаровска, „Три“; „Кој го уби Едгар Алан По“, Владо Јаневски, „Или–или“; „Ехото на акробатите“, Владимир Јанковски, „Арс либрис“; „Леска Брезоска“, Симона Јованоска, „Или –или“; „Простување“, Кица Колбе, „Или–или“; „Светот што го избрав“, Калина Малеска, „Или-или“ и „И ѕирка и проѕирка“, Огнена Никуљски, „Антолог“.