Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека е подготвен да го потпише договорот за минерали и безбедност со САД и да работи под „силното водство“ на претседателот Доналд Трамп.
Иако призна дека неговата средба со претседателот Доналд Трамп „не поминала како што требаше“, Зеленски ја повтори посветеноста на Украина за мир и го пофали Трамп што на украинската војска и ги дала ракетите „Џавелин“.
Зеленски на платформата Х наведе дека „би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мирот. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро со цел да се доближи до траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силно водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир кој ќе трае“.
– Подготвени сме да работиме брзо за да ја завршиме војната, а првите чекори би можеле да бидат ослободување на затворениците и прекин на огнот во воздухот – забрана за ракети, беспилотни летала со долг дострел, енергетски бомби и друга цивилна инфраструктура – и итен прекин на огнот на море, доколку Русија го стори истото. Потоа сакаме брзо да поминеме низ сите следни фази и да работиме со САД за да постигнеме силен конечен договор – напиша Зеленски, додавајќи дека Украинците навистина ја ценат помошта што ја добија од Америка.
Тој рече дека го ценат тоа што Америка го направила за да и помогне на Украина да го зачува суверенитетот и независноста.
– И се сеќаваме на моментот кога ситуацијата се промени кога претседателот Трамп на Украина и ги даде ракетите „Џавелин“. Ние сме благодарни за тоа. Нашиот состанок во Вашингтон, во Белата куќа во петокот, не помина како што требаше. Жал ни е што се случи ова. Време е работите да се исправат. Би сакале идната соработка и комуникација да биде конструктивна – додаде тој.
Што се однесува до договорот за минерали и безбедност, Украина е подготвена да го потпише во секое време и во секој соодветен формат. Тој договор го гледаме како чекор кон поголема безбедност и солидни безбедносни гаранции и искрено се надевам дека ќе функционира ефективно“, напиша украинскиот претседател на Х во својата првична реакција на прекинот на испораките на американско оружје за неговата земја.