Портпаролот на палестинската милитантна организација Хамас, Хазем Касем, денеска изјави дека групата ќе го прифати само планот на арапските земји за повоена реконструкција на Газа, што ќе добие поддршка од Палестинците во енклавата.
-Нашиот став е јасен – сите планови за иднината на Газа… мора да се постигнат со национален консензус, а ние ќе го олесниме процесот – рече Касем за турската агенција „Анадолија“.
Тој додаде дека, што се однесува до плановите за повоена Газа, „Хамас не мора нужно да биде дел од овие аранжмани, ниту пак е воопшто заинтересиран да биде вклучен во нив“.
Касем, исто така, рече дека Хамас нема да биде „пречка за какви било аранжмани постигнати со национален консензус, што ќе доведе до почеток на обновата“ на Газа.
Тој додаде дека Палестинците „се способни да најдат пристапи засновани на консензус со арапска поддршка за да ја постигнат оваа цел“.
Лидерите на арапските земји, кои се состанаа денеска во Каиро, објавија дека го прифаќаат египетскиот план за иднината на Појасот Газа и ја повикаа меѓународната заедница и финансиските институции брзо да го поддржат – објавија денеска британските медиуми.
Египет на овој арапски самит го претстави својот план за Газа, што ќе го маргинализира Хамас и ќе создаде привремени власти под управа на арапски, муслимански и западни земји.
Планот се спротивставува на иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предложи создавање на „Ривиера на Блискиот Исток“, проект што вклучува масовно преселување на Палестинците и американска реконструкција на Газа.