„Значајното зголемување на иранското производство и акумулацијата на високозбогатен ураниум, единствената држава без нуклеарно оружје што произведува таков нуклеарен материјал, предизвикуваат сериозна загриженост“, се вели во соопштението на МААЕ во кое се цитираат делови од двата квартални извештаја на МААЕ за Иран

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) тврди дека процентот и динамиката на збогатувањето ураниум во Иран загрижуваат

Во двата последни објавени квартални извештаи на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) е забележано дека „резервите на збогатен ураниум на Иран значително се зголемија од декември ланската година“. Исто така, во извештаите има уште една забелешка на МААЕ, а тоа е дека „и понатаму нема напредок во напорите за решавање на спорните прашања“.
Иранските резерви на ураниум се збогатени до 60 отсто, што е сѐ поблиску до збогатување од 90 отсто, потребно за воени цели (атомска бомба, н.з.). Сето тоа долго време го загрижува Западот, од каде што се лиферуваат информации низ медиумите со констатација дека „нема цивилно оправдување за збогатување ураниум до толку високо ниво“.
Од друга страна, Иран тврди дека „ја развива својата нуклеарна програма само за мирољубиви цели“.
Според медиумски извори, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп има намера да изврши притисок врз Иран поради таа нуклеарна програма. Но интересно е што сега Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) предупредува и дека времето за дипломатија истекува!

„Вашингтон пост“: Иран има доволно за нуклеарна бомба

Новата американска администрација е силен поддржувач на Израел, а тоа е државата што би била најранлива во случај Иран да развие нуклеарни бомби. „Вашингтон пост“ неодамна напиша дека „во првата половина на 2025 година Израел ќе ги нападне иранските нуклеарни постројки“. Сепак, барем некои од овие ирански објекти се наоѓаат длабоко под земја, па прашање е колку ќе бидат ефективни нападите.
Извештаите во врска со збогатен ураниум (реномираниот „Ројтерс“ тврди дека имал увид во нив) покажуваат дека „додека резервите на материјал збогатен до 60 отсто се зголемени за половина, нема вистински напредок во решавањето на долгогодишните отворени прашања, вклучувајќи го и необјаснетото присуство на траги од ураниум на непријавени локации“. Резервите на ураниум збогатен до 60 отсто се зголемија за 92,5 килограми во последниот квартал и сега изнесуваат 274,8 килограми, се наведува во извештајот. Тоа во принцип е доволно за шест нуклеарни бомби доколку продолжи да се збогатува ураниумот, наведува МААЕ. Доволно е и за повеќе оружја со малку понизок збогатен ураниум. Пред новото забрзување на производството, Иран произведуваше од шест до девет килограми ураниум збогатен до 60 отсто месечно, а сега произведува дури од 35 до 40 килограми, изјави висок дипломат. Тоа е близу 42 килограми, што во принцип е доволно за една бомба, доколку дополнително се збогати.

Р.С.


МААЕ: „Иран не пријави сè“!

„Иран тврди дека ги објавил сите свои нуклеарни материјали, активности и локации како што се бара со Договорот за заштитни мерки. Ова не е во согласност со оценките на агенцијата“, се наведува во извештајот.
Во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече САД од договорот со Иран и другите сили што ја ограничува иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите. Според МААЕ, Иран оттогаш ги надминал пропишаните граници. Европските сили сега имаат намера заеднички да се договорат за нови ограничувања (Брисел смета дека и САД ќе им се приклучат) или, пак, да ги вратат сите санкции пред истекот на договорот во октомври.

Р.С.