Страшната украинска стварност повторно стигна во Обединетите нации. Она што се случуваше таму, за смеење е. Онака, марктвеновски. Намерата на членките нешто важно да сработат, мојот измрцварен ум го сведува на реченицата, ајде да глумиме сериозност. Така сериозни веднаш се конфронтираа, па резултатот е, две спротивставени резолуции за истиот проблем, Украина и војната што таму Западот ја води со Русија. Јас, изопачен и забеган, веднаш почнувам да се замислувам претставник на Танзанија (таму патем, не милуваат многу албина), па се вмешувам во сериозноста со трета резолуција, ама со мала додавка: влијанието на украинската воена криза врз расположението на љубителите на Чајковски во Танзанија, затоа што Петар Илич е роден како украински козак, а се смета за руски композитор.
Да ја земеме на пример една сериозна Британија. На Генералното собрание гласа против американската резолуција за Украина бидејќи била проруска. Крајно блесаво! Мислам, блесаво, оти ем резолуција од Штатите, ем проруска. Океј, истава Британија, американската проруска резолуција не ја блокира во Советот за безбедност. Или беше обратно, ваму беа воздржани, а ваму… ма нека одат бестрага, Обединетите нации ги доживувам како месна заедница од време комунистичко. За оние помладите што сега се исчудуваат, месна заедница не е никаква антивегетаријанска збирштина, туку… ама па зошто да ве гњавам со нешто што нема да ви донесе ништо корисно? ОН се нефункционална месна заедница на сите држави на Земјата, инаку трета планета од Сонцето, која со силата на гравитацијата се држи цврсто среде бесконечноста на вселената и глупоста.
Да не се разбереме погрешно. Нема кај мене зла крв спрема ОН, ами инаетлива лутина што трае речиси три децении, иако не го мразам човекот (организацијата), туку го презирам делото, ако сметам дека е одвратно и лицемерно, а токму такво нешто ѝ направија на Македонија кога ни ја одзедоа слободата на самоидентификација, па нашето милениумско име и идентитет ги прогласија за безбедносен проблем, одејќи по умот на Грција, Европската Унија и нејзината наци Лисабонска декларација. Океј, се заврши со тоа резолуциите за кои членките на ОН гласаа раштрафено, ама тоа е небитно, оти резолуција е парче хартија што служи за бришење на еден дел од телото по извршена одредена биолошка функција, односно физичка потреба.
Не се кострешете, не се ова мои научни заклучоци, туку факти на западните сили, откако Меѓународниот суд на правдата донесе пресуда во наша корист со која ѝ забрани на Грција да го попречува нашето членство во ЕУ и НАТО барајќи да менуваме име, бидејќи така потпишале во Привремената спогодба. И тука веднаш стапија дотичните ЕУ и НАТО, па со пресудата си избришаа газ… си ја избришаа маската од лицето под која се покажа дволичноста.
Среќа за Украинците, кои најмногу страдаат во безумната војна со Русија инспирирана од западното лудило за доминација, што овие резолуции се носат во Обединетите нации, а не во Европската Унија, затоа што во ОН сето тоа се одвива брзо по примерот плукни, залепи, односно: резолуција, гласање, океј, тоа е тоа, светот оди понатаму, на резолуцијата никој веќе нема да се сеќава. Да беше ЕУ во прашање, ќе траеше со години, за на крајот да се заклучи дека членките што го решавале проблемот, одовде до вечноста, не само што не го решиле туку го довеле до ќор-сокак од кој нема враќање.
Сега, откако заврши оваа плукни, залепи гротеска во ОН, се надевам дека Путин и Трамп ќе ја запрат војната засекогаш, а не по корејско сценарио и конечно ќе запре насилната смрт на стотици илјади луѓе поради безумните крволочни апетити на моќните. Тоа што либералните западни елити пиштат и вриштат е крајно небитно, демек они, мадафакери, сакаат воено да ја поразат Русија, па затоа и не треба да се есапат за релевантни, оти нивните пискотници немаат никаква врска со љубов кон Украина, туку се хистерично очајни дека веројатно ќе им пропаднат плановите за да заработат многу кеш при обнова на украинската држава ослободена од Украинци.
Искрено се надевам дека мир ќе има оваа година. Тоа што приказната ќе заврши како во онаа горчлива шега што се шерува низ социјалните мрежи, а гласи, територија за Русија, минерали за Америка, а слава Украини, виновни се западните сили и украинското раководство, кои можеа да добијат морална победа, ако во Истанбул… е нема да го повторувам истото, си станав досаден на самиот себе.
Што се однесува до ЕУ, докажано неспособна, ама вообразена, хистерична, а вообичаено килава, слободно нека продолжи со својот тоталитаризам маскиран во демократија, оти гледам како апси легитимно избрани политичари на кои корумпирани судови во име на елитите им ја одземаат победата измислувајќи го оној идиотизам за руски влијанија. Нека продолжат така! И Нерон и Калигула мислеа дека се божествена приказна, ама денес се само приказ за безумна крволочност и пример за лудоста на деструкцијата.
По ѓаволите, отиде колумнава, а ние, на маса во Конгресот на САД поради усаидашите што демократијата ни ја претворија во идентитетска дистопија. За нас ова ништо не значи, откако завршивме во гасната комора на Преспанскиот договор, ама Американците ќе дознаат кој им ги крадел парите за низ светот да воспоставува глобалистички тоталитаризам премачкан со шарените бои на политичката коректност, која слободата на говор ја претвори во говор на омраза, а на оние што различно мислат им соопшти, имаш право на мое мислење.
За нордистански будалаштини со кои се занимава вмрежената јавност, гајле ми е. Светот се преврте наопаку. За жал, ние симболично, заглавени сме на полпат меѓу прерано кренато востание и залутување накај Јајце. Не сме мали, туку малодушни. Името ни е големо, ни го зедоа, ама додека не си го вратиме ќе им биде коска за гушење во грлото. Историјата ни е милениумска, иако сите сакаат да ни ја пишуваат, а она што сме го оставиле како цивилизациски вредности, можеби се негира, ама не исчезнува. Мали сме само по форма, оти ни е парчосана територијата како што на Украина ѝ е додавана. Ова ни е последна шанса да се позиционираме во светот на сувереноста што надоаѓа, односно да го искористиме она што ни е дадено, Исток и Запад околу нас, а ние на средина, само треба да научиме да го држиме ’рбетот исправен за да ја вртиме главата и лево и десно.