АТЛЕТИКА

Вкупно 169 елитни тркачи ќе предводат 38.000 учесници низ улиците на јапонската престолнина. До лани на листата со најголеми атлетски маратони во светот беа трките во Токио, Бостон, Лондон, Берлин, Чикаго и во Њујорк, а од годинава и во Сиднеј
Првиот годишен маратон од светската серија најголеми маратони е утре, во Токио (Јапонија), со 18-то издание, а вкупно 169 елитни тркачи ќе предводат 38.000 учесници низ улиците на јапонската престолнина, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). За тркачите на земјата домаќин, трката има дополнително значење бидејќи е директен квалификациски натпревар за пласман на Светското првенство во атлетика во септември, кое, исто така, се одржува во Токио.
Бранителот на титулата во машка конкуренција, Бенсон Кипруто од Кенија, се враќа на таа патека. Тој освои бронза на Летните олимписки игри во Париз лани, во годината откако победи на овој настан. На патеката ќе биде и Џошуа Чептегеи од Уганда, двократен олимписки шампион на средни патеки и светски рекордер на 5.000 и на 10.000 метри, кој во минатата година премина на маратонот, пишува ИОК.
Трката за атлетичарки може да биде тристрана трка во која ќе бидат вклучени последните три победнички на маратонот во Токио, Сутуме Асефа Кебеде од Етиопија и кениската двојка Розмари Ванџиру и поранешната светска рекордерка и олимписка сребрена медалистка Бриџид Косгеи. Пола Редклиф (51, Велика Британија) ќе биде специјална гостинка, а таа е пријавена и за маратонот во Бостон, шест недели подоцна, по што ќе може да добие признание што им се доделува на тркачите што ќе ги завршат сите големи маратонски трки, пишува ИОК.
До лани на листата со најголеми атлетски маратони во светот беа трките во Токио, Бостон, Лондон, Берлин, Чикаго и во Њујорк, а од годинава и во Сиднеј. Н.М.