Фото: Европол

Најмалку 25 лица се уапсени поради онлајн дистрибуција на детска порнографија генерирана од вештачка интелигенција, во една од првите меѓународни операции од ваков вид, соопшти денеска Европол.

– Операцијата „Кумберленд“ беше еден од првите случаи со содржина на детска порнографија генерирана од вештачка интелигенција, што ја отежнува задачата на истражителите поради недостигот на национално законодавство за овие злосторства – се вели во соопштението на полициската агенција на ЕУ со седиште во Хаг.

Повеќето од апсењата беа извршени завчера во светска операција предводена од данската полиција и во која беа вклучени агенциите за спроведување на законот во 18 други земји, вклучително и Франција.

Акцијата следи по апсењето во ноември на главниот осомничен во случајот – дански државјанин, сопственик на онлајн платформа на која дистрибуирал содржини генерирани од вештачка интелигенција.

– По онлајн плаќањата, корисниците на интернет ширум светот можат да добијат лозинка за пристап до платформата и да гледаат злоупотреба на деца.Сексуалната експлоатација на деца на интернет останува една од најзаканувачките манифестации на кибер криминал во ЕУ – соопшти Европол.